11.07.2012, 17:03 Засилување на бизнис-врските со Индија
Индиските компании најмногу се заинтересирани за индустриските зони
Маја Томиќ
Зацврстување на политичката и на економската соработка меѓу Индија и Македонија. Тоа е главната порака од посетата на земјава на индиската министерка за надворешни работи Пренит Кор. Таа од вчера е во дводневна посета заедно со висока бизнис-делегација составена од членки на Конфедерација на индиските индустрии и од шест поединечни бизнисмени. Најголем дел од нив се од производствени компании, меѓу кои за гума и за стакло, а имало и претставници на консултантски фирми.
Бизнисмените покажале најголем интерес за нашите Технолошко- индустриски зони, ТИРЗ, и за условите што им се нудат на странските инвеститори, како и за бесцаринскиот режим на Македонија со европските земји. Според Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори, ССК, претставниците на индиските компании оцениле дека е важно да не се става акцент само на привлекување големи компании, туку и мали и средни фирми. Нивниот број во Индија бил огромен, околу 36 милиони, и тие покажувале интерес за вложување во Македонија од каде што би го пласирале производството на европските пазари.
Во рамки на посетата на министерката Кор, вчера беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу претставници на Конфедерацијата на индиските индустрии и на трите стопански комори, Стопанската комора на Македонија, Комората на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори, кој стави и параф на документот. Сличен ваков Меморандум беше потпишан годинава и со катарските бизнисмени.
На вчерашната прес-конференција, министерката Кор нагласи дека посетата е потврда на желбата на Индија да ја зајакне соработката со Македонија. „Индија сака посилна политичка и економска соработка. Постои голем потенцијал за развој на туризмот, како и за инвестиц��и во повеќе други области“, потенцира Кор. Таа додаде дека Мајка Тереза е уникатна личност која ги поврзува двете држави и нивните народи.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски ја оцени посетата како важна затоа што е прва на владин претставник од Индија, која има посебен интегритет и кредибилитет на светската политичка сцена.
„Се' уште има потенцијал за зајакнување на политичката соработка, на трговската размена и порастот на индиските инвестиции“, рече Попоски.
Во разговорите меѓу Попоски и Кор бил ставен акцент и на прашања од регионално значење. Во тој контекст шефицата на индиската дипломатија се заблагодарила на поддршката на Македонија за апликацијата на Индија за постојана членка во проширениот состав на Советот за безбедност на ОН. Кор вчера попладнето имаше средба и со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски.
Инаку, оваа посета на индиската делегација е резултат на бизнис-посетата што ја имаше премиерот Никола Груевски на Индија во март годинава, а на која пред околу 250 индиски компании се презентираа можностите за инвестирање во Македонија.
Во период од еден месец во земјава имаше неколку интересни посети на индиски претставници. Пред една недела ни беа на гости Свапна Рој, сопругата на милијардерот Субрата Рој и нивниот син, кои во Охрид и во Преспа разгледуваа локации за инвестиции, пред се' во туристички и во забавни комплекси. Претходно пак, на средината на јуни, во посета беше и Субрата Рој, кој е сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“. Најголем интерес тој покажа за инвестирање во земјоделството, хотелиерството и туризмот во Тиквешијата, Кожуф, Пелистер, Преспа и Охрид и Дојран. |