Хуманитарен хепенинг во Детското СОС-село
Голем хуманитарен хепенинг се одржа вчера во Детското СОС-село по повод одбележувањето на Светскиот ден на мајката. Настанот беше посветен на обезбедување средства за реновирање на СОС-семејните куќи и за едукација и тренинзи на мајките. СОС-селото има 12 семејни куќи, а во нив живеат 83 деца. Првото дете беше вселено во 2002 година.
На хепенингот првпат настапија членовите на Македонската асоцијација на магионичари, а специјален перформанс имаше еден од најмладите илузионисти Магнус. Во програмата беа вклучени и децата од СОС-селото, а гостуваа и деца од супер ѕвезда. Во Детското СОС-село на паноа беа изложени детски цртежи изработени од деца што учествувале на конкурсот за најдобар цртеж. За посетителите на вчерашниот настан имаше и продажно-изложбен дел со фотографии, керамика и рачно изработен накит од детските раце на станарите на СОС-селото.
„Собраните средствата ќе бидат искористени за бојадисување на внатрешноста на куќите и за купување апарати за домаќинство, но и за едукација и тренинзи на мајките. Овие пари ќе ни бидат добредојдени, бидејќи располагаме со одреден буџет, кој не е доволен за намирување на сите трошоци. Затоа е важно да се вклучат и луѓето од заедницата“, рече Виолета Георгиевска, директор на Детското СОС-село.
Дел од парите од продажните штандови, како и дополнителните донации од бизнис-секторот ќе и' бидат донирани на Клиниката за детска хирургија. (Сн.К.) |