МВР да открие кој им се заканува на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до релевантните институции и до политичките субјекти во земјата да го осудат говорот на омраза, како и повиците за ликвидација на новинари. ЗНМ бара МВР во најкус рок да ги пронајде лицата кои директно се закануваат со физичко насилство и ликвидација на новинари.
„Навредите, пцостите и заканите се одраз на општата состојба во општеството, каде што преку вербално и физичко насилство се кршат основните човекови права на слобода на говор и искажување политички став. Поделбите на патриоти и предавници се користат за дискредитирање на сите оние што имаат различен став за одредени прашања од мнозинството и од власта“, се реагира во заедничкото соопштение на ЗНМ, Центарот за развој на медиуми и НВО-инфоцентарот.
Според овие три здруженија, на овој начин се поттикнува цензурата и се попречува секој обид за јавна дискусија за одредени прашања.
Премиерот Никола Груевски вчера го осуди говорот на омраза и ја поздрави реакцијата на ЗНМ. Премиерот, смета дека правото на изразување и слободата на говорот се неприкосновени принципи.
„Премиерот Груевски е постојано цел на напади, етикетирања и обиди за дискредитација, така што добро ги разбира чувствата на сите засегнати од исти вакви обиди. Општеството треба да се заштити од обиди за напад и за дискредитација, но, притоа, треба да се води сметка и за индивидуалните права на изрекување сопствено мислење“, се вели во соопштението од Кабинетот на Груевски. |