Книга
Ана Каренина
Жената што беше дрска да им се препушти на емоциите и да засака надвор од бракот
Димитар Чулев
„Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“ Л. Н. Толстој
„Сношти, Љовочка (Лев Толстој) ми рече дека замислил лик на омажена жена од високиот сталеж. Ми рече дека има намера да ја прикаже таа жена само како несреќница, но не и како виновна и дека, само што ја замислил, сите други личности и машки ликови до кои порано беше дошол, го пронашле своето место групирајќи се околу таа жена“.
Така, во својот дневник од 24 февруари 1870 година, сопругата на Лев Толстој ќе го најави почетокот на она што подоцна ќе прерасне во книга со едноставно име „Ана Каренина“, врвно дело на рускиот реализам и труд за кој самиот Толстој ќе рече дека е негов прв вистински роман. Повеќе од еден век подоцна „Ана Каренина“ не престанува да ги плени читателите, а томови и томови книжевна критика се напишани за и околу приказната за жената, која беше доволно дрска да им се препушти на емоциите и да засака надвор од бракот, и доволно немоќна да ја држи под контрола љубовта, која на крајот ќе ја однесе во смрт како очекуван крај на руинираниот (нејзин, но и на оние околу себе) живот.
Приказната е позната: Ана е сопруга на постариот од неа царски чиновник Алексеј Александрович Каренин, несвесна дека е несреќна во бракот во кој нема љубов се' до моментот додека не го сретне младиот, згоден бонвиван Алексеј Вронски, богат гроф од стара петроградска фамилија. Она што за Вронски е стил на живот – флертување, секогаш и со секого кога тоа е можно, ќе се претвори во љубовен кошмар за Ана, која прв пат чувствува чиста страсна љубов, но и за Алексеј кој станува жртва на нејзината болна посесивност. Таа завршува со смрт фрлајќи се под воз, тој на оддалечен фронт во војна (Турско-српска), која не е ни негова.
Се вели дека во 1872 година Толстој лично бил присутен кога извесна Ана Степанова, ќерка на полковник, заслепена од љубомора се фрлила под воз. Овој случај ќе го искористи во својата намера да напише роман, кој ќе биде книжевен приказ на едно време и на општествените движења што се случуваат во реално време. Се смета, исто така, дека за ликот на Ана Каренина Толстој бил инспириран од Марија Хартунг (1832-1919), постарата ќерка на рускиот поет Александар Пушкин. Но, и ликот на Вронски не е чиста фикција. Толстој се послужил со ликот на полковник Раевски, кој загинал во Турско-српската војна (1876-1877 година). И уште еден детаљ: Толстој во романот ќе внесе уште еден лик базиран на вистинска личнос��. Неговиот брат Николај умира во 1860 година од туберкулоза. Во „Ана Каренина“ сопствениот брат ќе го отслика во ликот на братот на една од главните личности (Левин), кој, исто така, се вика Николај.
Оние што не престануваат да ги бараат причините за раѓањето на „Ана Каренина“ ќе пронајдат податок дека: „во пролетта 1873 година влезе грофот Лев Толстој во собата на својот најстар син, кој на својата стара тетка и' ги читал ’Расказите од Белкин’ на Пушкин...“. Ја зел книгата и прочитал само една реченица „...гостите се собраа во летната куќа...“ и додал „така треба да се почне“... Отишол во собата и напишал „Се' се наруши во куќата на Облонски“. Тоа е првата реченица на „Ана Каренина“, роман во две книги, кој ќе го пишува во наредните четири години и кој ќе претрпи многу измени. Делото првобитно ќе има наслов „Моќна жена“, потоа „Два брака“, за во четвртата верзија да го добие многу едноставниот денешен наслов. Делови од романот прв пат ќе бидат објавувани во списанието „Руски весник“ од јануари 1875 година... во март 1876 година Толстој ќе рече дека мора да го заврши романот од кој бил „до гуша сит“. Романот е печатен во 1877 година.
Тогаш романот ќе ја добие и славната реченица на почетокот: „Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“.
Маките на Толстој со романот се јасни и потекнуваат од карактерот на Ана Каренина, кој самиот автор го создал: таа е од почеток до крај противречна личност во постапките, во мислите, во емоциите. Но, мајсторот на својот занает, Толстој не се дрзнува да ја осуди или оправда, туку им остава на читателите самите да одлучат дали е таа жена која е сама винова за својата судбина или е само жртва на лажниот морал во светот што ја опкружува. Дали Каренина, не криејќи ја љубовта кон Вронски, јавно го манифестирала она што другите тајно го правеле. Виновна ли е што е жена, која во бракот со Каренин е само мајка, но не и сопруга, а во врската со Вронски посакува да биде само љубовница, но не и мајка на неговите деца. Доволно комплицирани прашања за едно ремек-дело.
Ликовите од две петроградски и три московски семејства се носители на дејството во романот, во кој паралелно се одвиваат две приказни: Судениот брак на Ана, кој наеднаш станува ништожен по страсната љубов што се раѓа меѓу неа и избраникот на нејзиното срце Вронски.
Второ дејство (кое навидум нема никаква врска со Ана и со Вронски) се одвива околу Константин Кирилович Левин, богат велепоседник, но срамежлив ерген, кој настојува да се ожени со Катерина Александровна (Кити) откако претходно неговиот предлог ќе биде отфрлен што ќе го фрли во очај.
Многумина сметаат дека токму Левин е вистинскиот јунак на романот. Иако немаат контакт со Ана и двајцата, всушност, се личности кои трагаат по целосна и потполна љубов. Тоа им е мана и затоа се несреќни. Разликата е што отпрвин отфрлениот Левин успева да истрае и да ја доживее љубовта, додека страсната Ана нема доволно разум да продолжи. Во ликот на Левин многумина го откриваат Толстој и неговиот традиционален поглед на бракот како заедница меѓу двајца поради создавање наследство.
Но, низ ликот на Левин Толстој го изнесува и својот поглед на свет, критика на руското општество во втората половина од 19 век, своите сомневања, верски дилеми... Некој ќе напише дека ликот на Ана бил создаден за да се истакне супериорноста на ликот на Левин. Додека Ана хистерично се менува за да постигне совршена љубовна врска, Левин покажува трпение до исполнувањето на очекуваната љубов. Ана се растројува во умот, Левин се обидува да живее во согласност со другите. Во ликот на Ана Толстој го опишува крахот на декадентниот дел на руското општество, во ликот на Левин неговите надежи за некоја идна Русија.
А можеби Ана Каренина е темната страна на Толстој, обид за исповед за неговите пороци, за напуштеното дете... Затоа и дозволува – да умре.
|