Рацин е нашата судбина и песна
Во Рациновата песна се соединуваат гласот на поетот и на народот, рече Раде Силјан на 47. Рацинови средби
ВЕЛЕС - По 47-ми пат среде Велес се чествуваше светското културно наследство на Коста Солев Рацин, поетот, мислителот, филозофот и визионерот. „На насловната страница на ненадминливата „Бели мугри“ поетот името си го означил само со буквата К., како да имал единствена цел да покаже дека Коста е на Раца и сите да знаат дека настапило времето на љубовта“, започна Светлана Христова Јоциќ, говорејќи за делото на Рацин.
Следуваше промоција на книгата „Реквием за Рацин“ од академик Матеја Матевски. „Во Рациновата песна се соединуваат два гласа. Првиот е гласот на поетот, а вториот е гласот на народот, на неговите опеани судбини. Преку поемата ‘Елегии за тебе’ имаме ретка духовна средба на двајца великани на македонската литература и култура, на Кочо Рацин, основоположникот на современата македонска поезија и на Матеја Матевски неговиот следбеник, искрен приврзаник“, рече Раде Силјан, претседател на Друштвото на писатели на Македонија, промовирајќи ја книгата.
Во рамки на средбите беа изложени и дела создадени на културната манифестација „Грнчарски средби“. Рациновите средби продолжија со беседа за Рацин, на која под наслов „Рацин - нашата судбина и песна“ Ефтим Клетников рече: „Тој е од онаа сорта поети кои и пред да се родат, според таинственото предвидение на небото, и' се заветени на легендата. Постои уште еден нему сличен на тој план, Константин Миладинов, со кого тој е близнак. Тоа се двете наши најубави и најтрагични поетски личности“.
На манифестацијата традиционално се одржа и меѓународниот поетски митинг. Вечерва продолжува чествувањето на поетот и затворањето на средбите. (С.К.Н.) |