Чеченија му се поклонува на Толстој
Еден локален музеј го бележи времето на Толстој како војник во Кавказ
МОСКВА - Музеј посветен на рускиот писател Лев Толстој е повторно отворен во чеченското село каде што тој го почна формирањето како писател во 50-тите години од 19 век, и тогаш предупредил на замките од рускиот обид да се скроти невралгичниот регион во северен Кавказ. Музејот во поранешната козачка населба Старогладовскаја, што се користела како воена база за време на царските руски кампањи, ги преживеа двете понови војни - почнувајќи од 1994 година - кои Русија ги водеше во Чеченија и кои уништија големи делови од таа област.
Музејот е повторно отворен во новоизградена зграда со помош на Рамзан Кадиров, контроверзниот моќен претседател, кој е горд на проектите што го нагласуваат издигнувањето на републиката од урнатини, и Владимир Толстој, праправнук на писателот и директор на „Јасна Полјана“, имотот на Толстој во регионот Тула во близина на Москва.
Директорот на музејот, Салавди Загибов, вели дека 100 милиони рубли, или 3,4 милиони долари, за реконструкција на музејот биле обезбедени од личната фондација на Кадиров. Истиот ден во Чеченија беше повторно отворен музеј на Михаил Лермонтов, уште еден руски писател познат по неговите описи на Кавказот.
Проектот за музеј на Толстој почна откако внукот Толстој му се обрати на чеченскиот претседател, барајќи негова поддршка. Плановите за реставрација на училишната зграда од раните години од 20 век, каде што оригинално беше сместен музејот, беа проширени и резултатот беше нова зграда за музејот. „Сметав дека е моја должност да учествувам“, рече Толстој во еден телефонски разговор. Музејот „Јасна Полјана“ ќе работи на создавање постојана изложба за обновениот музеј „Старогладовскаја“, вклучувајќи висококвалитетни копии на архивски документи поврзани со животот и делата на Толстој. Музејот, исто така, има етнографска мисија, да го прикаже животот на Чеченците во времето кога Толстој живеел таму.
Толстој е многу ценет во Чеченија, каде што дури едно село е наречено Толстој-Јурт. Неговиот потомок Толстој прв пат го посети местото Старогладовскаја, околу 80 км од чеченската престолнина Грозни, во 2000 година. „Го посетив музејот тогаш и ме воодушеви. Тоа е единствениот музеј на територијата на Чеченија што не беше затворен и работеше во текот на војната“, рече тој. „Споменикот на Толстој во дворот на музејот никогаш не беше уништен. Стоеше во секое време. Секако, беше голем контраст на она што го видов тогаш во главниот град Грозни, каде што националниот музеј беше разурнат и ограбен“.
Писателот поминал речиси три години во 1850-те меѓу Козаците, кои тогаш воделе борба да ги скротат Чеченците, и го напишал делото „Детство“, кое прво му донесе слава. Неговото искуство таму провејува во другите стории како „Козаците“, „Нападот“ и „Хаџи Мурат“ со чувство за местото и сфаќањето на обичаите и навиките на Кавказот. Сето тоа се чинеше далековидо кога Русија уште еднаш стана длабоко и брутално вовлечена во 1990-те години.
Во „Хаџи Мурат“, Толстој пишува за магичен круг на немилосрдност и за огорченоста на Чеченците од руските војници: „Не беше омраза, бидејќи тие не ги сметаа руските кучиња за човечки суштества; но, имаше таква одбивност, гадење и збунетост од бесмислената суровост на тие суштества, што желбата да се искоренат - како желбата да се искоренат стаорци, отровни пајаци или волци - беше толку природен инстинкт како оној за самоодржување“.
Руската војска и политичките лидери во изминатите две децении често пати беа критикувани - од руските критичари и од Чеченците - што не го читале Толстој и не обрнале внимание на неговите лекции за особеноста на Чеченија. Тоа, тврдат критичарите, е делумна причина зошто грешките од 19 век се повторија на крајот од 20 век и на самиот почеток на 21 век.
Љубовта на Чеченците кон писателот, од друга страна, само се продлабочуваше. „Чеченскиот народ мислеше дека Толстој пишува најверно за настаните што се случувале тогаш и за карактерот на планинските луѓе, нивното настојување да бидат независни, за слободата и нивните верски, етнички и други особености“, вели Толстој. „И покрај фактот дека беше аристократ, руски гроф, Толстој беше многу демократски и отворен. Тој имаше пријатели меѓу Чеченците“.
„Лев Николаевич Толстој апсолутно беше против руската воена политика на Кавказот“, вели чеченскиот наставник Кусеин Загибов во еден телефонски разговор, употребувајќи го целото руско име на авторот. „Царските сили ги малтретираа цивилите. Толстој и неговиот брат повеќе пати спасуваа Чеченци од тоа безвластие“, додава тој. „Чеченците го сакаа за разлика од другите писатели, бидејќи тој никогаш, ниту во едно од неговите дела, не пишуваше лошо за нас“.
(Интернешенел хералд трибјун) |