Вечер на современи танци во Скопје
Катерина Богоева
Во Македонската опера и балет вечерва во 20 часот ќе се одржи „Вечер на современи танци“, на која ќе се претстават два танцови проекти, „Прегратка“ во кореографија на Саша Евтимова, работена по музика на „Проект Жлуст“ и „Прекуокеански танц“ на американскиот „Шенандоа танцов ансамбл“, ансамбл, кој произлегува од танцовиот оддел на Универзитетот од Шенандоа во Вирџинија.
Кореографијата на американската претставата е на Морис Фрага и Ерика Хелм, а истата е составена од осум целини, работени по музика од различни автори.
Кореографката Сашка Ефтимов чија „Прегратка“ минатата година премиерно беше изведена во Њујорк, најави дека во меѓувреме, направила одредени измени поради што, и оваа прва изведба на претставата пред македонската публика ја смета за премиерна. „Задоволство ми е што настапуваме заедно со балетската група од САД во иста вечер, но уште едно огромно задоволство за мене е што „Прегратка“ го доби ликот кој јас сакав да го добие“ изјави таа. Во „Прегратка“ вечерва ќе настапат: Мими Поп Алексова, Ивана Коцевска, Бобан Ковачевски, Дмитро Чеботар, Марина Георгиевска, Дафина Данилоска, Марија Глигорова, Билјана Басмаџиева, Игор Велјановски, Трајче Стојковски и Саша Ефтимова.
Претставата „Прекуокеански танц“ на Шенендоа танцовиот ансамбл ја чинат осум делови, работени по музика на различни автори. Ќе настапат американските танчери Челси Меси, Лорен Карнеси, Еми Мери и Кристина Милер.
„ Сегашната соработка со американските професори и студенти е од културен и образовен карактер. Веќе десеттина дена во СУМБЦ „Илија Николовски - Луј“, тие одржуваат бесплатни, секојдневни работилници што за нашите ученици е голема привилегија, бидејќи тие доаѓаат од академија каде се изучуваат многу различни стилови, различни техники на танцување. Вечерва публиката ќе има можност да ги види разликите меѓу нашиот, национален балет и нивната академија, во склоп на која функционира и приватен театар“ - посочи уметничкиот директор на Македонскиот балет Киро Павлов. |