Блокадата против угледот на Алијансата
„Новиот НАТО: Градејќи го новиот стратегиски концепт“ беше темата на конференцијата на Евроатлантскиот совет на Македонија, на која фокусот на дискусиите беше ставен на новата улога и мисија на Алијансата, спектарот на операции и партнерства, кои ги вклучува сите земји-членки и земји-партнери на НАТО.
Заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев во обраќањето изрази очекување НАТО и натаму да ја држи отворена вратата за европските демократии. Според него, се' уште до крај не е завршена работата на НАТО и на ЕУ на Балканот.
„Пролонгирањето на приемот на Македонија може да влијае на кредибилитетот на Алијансата, што верувам дека никој не го посакува“, рече Димитриев.
За претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Лазар Еленовски, Македонија, која е цврсто решена да продолжи по патот за полноправно членство, ќе треба да ги сподели сите обврски со земјите-членки на НАТО, како во однос на новите партнерства, така и за колективната одбрана. Новиот НАТО-концепт, посочи Еленовски, се однесува на следните десетина години, затоа што во услови на брзо менување на безбедносната реалност во светот Алијансата мора да биде подготвена да ги заштити вредностите за кои е формирана. (MИА) |