05.09.2012, 17:34 Ромпуј: Името ќе отвори многу врати
Претседателот на ЕУ му порача на Иванов дека иднината на Македонија е во Унијата, но прво да се реши името
Херман ван Ромпуј порача дека европската перспектива на Македонија ќе се оствари откако ќе се реши прашањето за името со Грција. Првиот човек на Европскиот совет вчера се сретна со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Брисел. Ромпуј потенцираше иднината на Македонија ја гледа во ЕУ и изрази надеж да види напредок на Македонија и целиот регион кон Унијата.
Двајцата политичари се согласиле дека е од исклучително значење Македонија да остане силно фокусирана на патот кон ЕУ, а била потенцирана и важноста која за европската перспектива ја има Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу македонската влада и Европската комисија. Ромпуј ги поздравил спроведените реформи и охрабрил да се продолжи работата во секторите кои беа критикувани, односно слободата на изразување, изборната реформа и меѓуетничките односи. „Внатрешната стабилност и помирувањето за ПЈРМ, но и за регионот, остануваат најважни сегменти. Сакаме целосна имплементација на Охридскиот договор и силно го поддржуваме духот и словото на овој договор, кој е од суштинско значење за демократијата и владеењето на правото“, истакнал Ромпуј.
На средбата станало збор и за прашањето за името, при што Ромпуј упатил порака Македонија и Грција да продолжат со преговорите за наоѓање заеднички прифатено решение. Било нагласено дека треба да се обрне внимание на добрососедските односи. „ЕУ останува целосно посветена на европска иднина на ПЈРМ и ја поздравувам силната јавна поддршка за ЕУ во земјата. Затоа сум убеден дека целта ќе ја постигнете откако ќе се реши прашањето за името“, изјави Ромпуј, додавајќи дека тој е подготвен да помогне, но дека е потребно е да бидат исполнети и неопходните реформи и критериуми. На ова претседателот Иванов потенцираше дека очекува помош од ЕК и ЕП, односно ЕУ да направи се' што е во нејзина моќ за да помогне за Македонија да добие датум за пристапни преговори до крајот на 2012, бидејќи тоа би било во корист и на регионот и на Грција. Претседателот упатил и отворена покана до Ромпуј да ја посети Македонија идната година и да присуствува на состанокот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа во Охрид. Ромпуј на крајот на неделата заминува во Атина каде што ќе има средби со грчкиот државен врв.
На средбата со Ромпуј и' претходеше средба со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. По првата официјална средба со Иванов, Шулц најави дека ја прифатил поканата на Иванов наскоро официјално да ја посети Македонија. Шулц покажа разбирање за Македонија и проблемите со кои се соочува на патот на нејзиното членство во ЕУ, но и за Грција која е дел од прашањето за името. „Знаеме со кои пречки се соочува вашата земја, но ја знаеме и ситуацијата на Грција. Новата Влада во Атина се соочува со големи економски и административни проблеми. Јас му посочив на Иванов дека неговата земја е симбол на мултиетничко општество и нам во ЕУ ни давате надеж со тоа“, одговори Шулц на прашање дали ЕП има механизам и волја да го деблокира процесот за евроинтеграција на Македонија и да ја натера Грција да не го блокира влезот на Македонија во ЕУ. Иванов на прес-конференцијата му се заблагодари на ЕП за посветеноста на користењето на придавката „македонски“ во извештаите за Македонија. (Н.Р.) |