07.09.2012, 23:49 Државниот врв на прием кај Вељаноски по повод Денот на независноста
Претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Владата Никола Груевски, актуелни министри, пратеници, претставници на верските заедници, претставници на дипломатскиот кор во земјава вечерва присуствуваа на приемот во Собранието, што по повод 8-ми Септември, Денот на независноста го организираше претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски.
- Референдумот на 8 Септември 1991 година, кога над 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна и независна Македонија, е нашата најголема современа победа. Навлегувајќи во третата деценија од историскиот референдум може да оцениме дека Балканските премрежја завршија. Регионот дефинитивно се смени. Се смени начинот на размислување, старите матрици заминаа во историјата и полека се оформува нова парадигма на доверба и соработка, рече Вељаноски во обраќањето пред присутните.
Тој посочи дека најзначајни се оние победи кои резултираат со поголема доверба и почитување меѓу луѓето, победи кои се случуваат во мир, победи во економијата, науката, образованието, културата и спортот.
- Победа е кога воведуваме повисоки стандарди, кога правиме реформи, пред се поради нас самите. Голема победа е членството во НАТО и Европската унија. Основата на секоја победа лежи во единството, и кога станува збор за националните интереси, за стратешките цели, постои само една партија која не познава делби и себични интереси. Тоа е Македонија, истакна Вељаноски.
И покрај сите блокади, потенцира тој, Република Македонија и понатаму активно продолжува да биде фактор на стабилност и конструктивност во регионот.
- Продолжуваме со преговорите кои се водат под покровителство на ОН, а исто така продолжуваме во целина и тука во Законодавниот дом да ги правиме потребните реформи и усогласувањата со европските закони и стандарди, додаде Вељаноски.
|