06.09.2012, 13:44 „Луфтханза“ утре во генерален штрајк
Екипажите во германската авиокомпанија „Луфтханза“ најавија за утре 24-часовен генерален штрајк, поради што околу две третини, односно околу 1.200 летови ќе бидат откажани.
Медиумите наведуваат дека и денеска ги чувствуваат последиците на претходниот штрајк и десетици летови се откажани.
По утрешниот, за сега не се планирани нови штрајкови на „Луфтханза“, чии штрајкувачи се во борба за повисока плата и услови на работата - бараат зголемување од пет отсто, додека раководителите според последните резултатите од преговорите, нудат 3,5 осто.
По два дена од штрајкот на аеродромите во Берлин, Франкфурт и Минхен за утре првпат е закажан штрајк што ќе ги погоди сите аеродроми во Германија.
Нервозни патници и работници на компанијата и долгите редици пред шалтерите, откажани летови и материјални штети во милиони кои прецизно се` уште не се соопштуваат, неколку илјади „заробени“ патници на аеродромите - е билансот од изминатите денови на штрајк на „Луфтханза“ во Германија.
Несогласувањата во „Луфтханза“ траат веќе една година. Борбата за повисока плата на околу 18.000 вработени утре би можела да стане дел од најголемите штрајкови со кои се соочила „Луфтханза“ во својата историја. |