06.09.2012, 17:12 Поделбите побрзи од помирувањето. Се обединија партиски за да не' поделат етнички
Лутите политички ривали најдоа заеднички јазик за Законот за бранителите, но се конфронтираа со своите политички партнери
Горан Адамовски
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по долго време постигнаа консензус околу едно прашање. И двете партии со македонски предзнак дигаат два прста за Законот за бранители. Нивните политички ривали од албанскиот кампус, ДУИ и ДПА, го направија уште поневозможното: „касапааната“ стана чајџилница, нивните претставници ќе дадат се' од себе законот да не мине, или, пак, да се протнат и амандманите за борците на ОНА.
„Партиите на власт се единствените што ќе профитираат од актуелните состојби. Ги повлекоа своите политички ривали на суво, ги наместија на свој терен и ги натераа да играат по нивно. Сметам дека СДСМ и ДПА требаше јавно да излезат и да речат: ‘Слушајте, ова е ваша игра и играјте си сами, ние не сакаме да сме дел од тоа‘. Но, не го направија тоа, се приклучија во нешто од кое не можат да имаат корист“, смета аналитичарот Мерсел Биљали.
Политикологот Владимир Божиновски вели дека ваков Закон за бранителите, со кој ќе им се помогне на оние кои биле на браникот од татковината, требало да се донесе уште многу одамна, но се правеле обиди да биде прифатлив за сите парламентарни партии.
„Нема зошто да се зборува за етничка поделба. Едноставно, ВМРО-ДПМНЕ по потезите на ДУИ со кои се изигрува коалицијата и претходните договори, сосема легитимно го поднесе овој закон, за кој доби поддршка и од СДСМ“, објаснува Божиновски.
Според него, ДУИ ја предизвика кризата поради зголемување на рејтингот пред локалните избори, бидејќи, како што вели, нивните градоначалници немаат квалитетни проекти во своите општини, па преку зголемување на националното чувство кај Албанците, се обидуваат да допрат до гласачите.
„Партиите мора да се трансформираат во граѓански модел. Во спротивно, ќе ни се случуваат примери како Слупчане“, смета Божиновски.
Како што вели, иако не верува во теории на заговор, сепак, индикативен е тајмингот на Слупчане, што се совпадна со посетата на Филип Рикер, заменик-помошник на државниот секретар на САД и изјавите на американската амбасада околу визионерството на министерот Фатмир Бесими. Божиновски во тоа гледа притисок околу името, во што САД се послужи со ДУИ. Дали работите ќе се смират, партијата на Ахмети ќе излезе од Владата, ќе имаме предвремени парламентарни избори, или, пак, СДСМ, ДПА и ДУИ ќе формираат заедничка Влада - тешко е да се претпостави.
„Предвремени избори не и' одговараат на ДУИ, бидејќи рејтингот им е во опаѓање. Широка коалиција без ВМРО-ДПМНЕ не му одговара на Бранко Црвенковски, бидејќи тоа ќе значи крај за него, па дури и за партијата. Никој не знае што ќе се случи, верувам не знае ниту Ахмети. Но, ако ме прашувате за Законот за бранители - мислам дека тој ќе се истурка до крај, оти тоа ќе го амортизира целиот негативен импакт со Слупчане. И апсолутно не сметам дека кавгата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ е договорена, бидејќи сите потези на Ахмети одеа на штета на Груевски“, констатира Божиновски.
Покрај кавгата во власта, и најавената соработка меѓу Црвенковски и Тачи падна уште при првиот чекор. Цветанка Иванова од СДСМ, која ја раководи собраниската Комисија за труд и социјала, пред неколку дена за нашиот весник изјави оти поддршката на Законот е став на партијата и оти не гледа надгласување по етничка поделба.
„Јас мислам дека ова е програма за предвремени парламентарни избори или во најмала рака за да се зајакнат позициите пред локалните избори. Потоа ситуацијата ќе се смири, ќе слушаме фрази од типот: ‘Сите сме браќа, ајде да ги закопаме секирите‘“, поентира Биљали. |