10.09.2012, 13:33 Изложбата на цртежи „Поврзувања“ отворена и во Софија
На изложбата, која ќе биде поставена до 1 октомври, со свои цртежи се претставени 15 автори од Македонија, Бугарија и од Србија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Бугарија, вечерва ќе биде отворена изложба на цртежи под наслов „Поврзувања“. На изложбата со свои цртежи се претставени 15 автори од Македонија, Бугарија и од Србија. Овој настан се организира по иницијатива за регионално ликовно поврзување иницирана од групата „Арт-фактор“. Инаку, изложбата „Поврзувања“ беше претставена пред нашата јавност во Скопје, во рамките на „Скопско лето“, а потоа и во Ниш.
На првото претставување пред публиката во Софија ќе бидат изложени цртежи од Атанас Ботев, Беди Ибрахим, Зорица Зафировска, Миле Ничевски, Ненад Ѓорѓевиќ (Македонија), Ивана Станковиќ, Слободан Радојковиќ, Немања Јовановиќ, Соња Вукашиновиќ и Радмила Матеевиќ (Србија), Магдалена Николова, Елена Панајотова, Атанас Гаџев, Еслица Попова и Димитар Јаранов (Бугарија).
Изложбата, која ќе биде поставена до 1 октомври, ќе ја отворат Мариета Сидовски од „Арт-фактор“ и Васко Шутаров, директор на КИЦ во Софија. |