05.09.2012, 14:10 (ФОТО) „Недела на дизајнот“ отвора нови уметнички хоризонти
Многубројните посетители на отворањето имаа можност да ги погледнат новите дизајни распоредени тематски и како комерцијални и како изложбени
ФОТО: Киро Попов
Вчера на двата ката во прекрасниот простор на Куршумли-ан во Старата скопска чаршија, беше свечено отворено второто издание на манифестацијата „Недела на дизајнот“, која и овој пат ги претставува најновите, меѓу нив и наградени дизајнерски решенија на компании и поединци од земјава и од странство.
Многубројните посетители имаа можност да ги погледнат новите дизајни распоредени тематски и како комерцијални и како изложбени, на реномирани имиња, но и на млади уметници кои штотуку зачекоруваат во светот на дизајнот кој во современото општество се појавува во се' покомплексен комуникациски процес.
Љубителите на дизајнот можат да ја посетат манифестацијата до 10 септември, но и да бидат дел од многубројни предавања, работилници и дебати кои ќе опфатат повеќе аспекти на дизајнот. Дека се' е дизајн, односно дека се' што не опкружува претставува дизајн, се потврдува и на скопската манифестација, која годинава е побогата, посодржајна од лани.
Особен акцент се става на гостите од Финска, осуммината дизајнери кои доаѓаат од земјата чија метропола, Хелсинки, годинава е избрана за град на дизајнот. „Недела на дизајнот“ во Скопје треба да се посети, зашто отвора нови погледи за уметноста која што постојано не' опкружува, а која понекогаш не ја забележуваме. (Т.И.)
|