06.09.2012, 12:36 Додик: Србија да го бара северно Косово и да го признае останатиот дел
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во интервју за весникот „Нови магазин“ изјави, дека северно Косово е реалност и дека Србија би требало да бара овој дел да биде во Србија и да го признае остатокот како независна држава под услов да се задржат националните споменици.
- На Србија треба да и биде јасно дека враќањето на Косово во политичка смисла е невозможно. Тоа не е само загуба, како што го претставуваме во Србија. Можеби можеме да гледаме на тоа како на подарок и природно да ги заштитиме интересите. Не сакам да преземам решенија, бидејќи историјата ќе ме запише како негаитевец во тој случај, но треба сите да се соберат, да видат каква е реалноста и да завршат со таа историја. Северно Косово е реалност, истакна Додик во интервјуто.
Според него некои работи сепак може да се вратат, но ако останат такви, како што се, тогаш „нема никогаш да има потреба да го признаеме Косово“.
Запрашан од каде има толку голема агресивност, Додик одговори дека живее во мала политичка средина во која ако не викаш, нема да те слушнат.
Србија нема да го признае Косово
Српскиот премиер Ивица Дачиќ соопшти дека Србија нема да го признае Косово.
Владата на Србија нема да ја признае независноста на Косово и јасно ќе потенцираме што можеме да направиме на патот кон ЕУ, додека истовремено очекуваме да не ни бидат поставувани „променливи цели“, изјави Дачиќ.
„Изјавата на претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц е погрешно интерпретирана. Србија нема да го признае Косово“, нагласи Дачиќ во интервју за весникот „Новости“ по посетата на Брисел.
ЕУ го поздравува ставот на српската Влада за продолжување на европскиот пат, нагласувајќи дека европската интеграција најмногу зависи од Србија. Дачиќ соопшти дека српската Влада јасно ќе потенцира што може да направи на патот кон ЕУ и очекува да не бидат поставувани „променливи цели“, односно услови кои постојано се менуваат. |