07.09.2012, 13:30 (ФОТО) Принц Хари во Авганистан ќе пилотира со „Апачи“
Британскиот принц Хари (27) од денеска е префрлен во Авганистан, во најголемата воена база на британската војска „Бастион“, во провинцијата Хелманд, како пилот на борбениот хеликоптер „Апачи“, соопшти Министерството за одбрана.
Хари ќе остане во Авганистан во следните четири месеци. Претходно тој беше на авганистанскиот фронт во 2008 година, но тогаш како припадник на извидничкиот баталјон на пешадијата и неговиот престој беше обвиен во тајност, додека еден австралиски неделник тоа не го откри, објавувајќи фотографии од младиот принц меѓу британските војници.
Откривањето на тајниот престој на Хари, на авганистанскиот фронт, предизвика тој итно да биде вратен во Велика Британија, од безбедносни причини. Талибанската пропаганда и разните исламистички групи се закануваа дека доколку го заробат, ќе го убијат принцот.
Безбедносни експерти во Лондон објаснуваат дека сегашниот престој на Хари во најбунтовничката провинција Хелманд, сепак, е помалку закана за неговата лична безбедност од порано, затоа што принцот сега е пилот на хеликоптер, а не припадник на пешадиските единици, од каде досега доаѓаат далеку најголемиот број британски жртви во Авганистан.
Последен пат, еден британски принц кој учествувал во борбени операции, како пилот е принцот Ендрју, чичко на Хари и помлад брат на престолонаследникот Чарлс, во војната со Аргентина за Фокландските Острови, во 1982 година.
Префрлањето на Хари во Авганистан, доаѓа по скандалот што го предизвика принцот, со публикувањето на фотографиите на голиот Хари, сам и прегрнат со гола девојка, за време на една забава на која биле 25 луѓе, во неговиот хотелски апартман во Лас Вегас. Хари е третиот во редот на претеденти на британскиот престол, по татко му Чарлс и постариот брат Вилијам.
|