04.09.2012, 14:16 Шест компании заинтересирани за модернизација на патарините
Шест компании од Хрватска, Турција, Шпанија и Австрија се заинтересирани да ја реализираат модернизацијата и електронската наплата на патарините долж Коридорот 10.
Тие денеска доставија понуди до Агенцијата за државни патишта под чија надлежност од 1 октомври ќе преминат патарините.
- Следува период во кој ќе треба да се испита дали понудите одговараат на техничките услови што се потребни за проектот што сакаме да го реализираме. По разгледувањето завршува првата фаза кога ќе се одбере техничкото решение по кое ќе се отвори втората фаза на тендерот кога ќе се понудат цени за изведбата, изјави Александар Стојанов, помошник директор за Секторот за инвестиции во Агенцијата за државни патишта.
Во првата фаза нема одреден рок, но очекуван период на евалуација е 30 дена по што ќе се премине кон втората фаза.
Од Агенцијата за државни патишта се надеваат дека до крајот на годината ќе биде познат изведувачот, а рокот на изведба е 18 месеци.
Модернизацијата и електронската наплата на патарините ќе започне од Коридорот 10, по што планирано е да се продолжи на Коридорот 8, особено на оној дел каде има автопатско решение.
Засега со воведувањето на електронскиот систем на наплата не се планира поскапување на патарините, но надлежните истакнуваат дека во Македонија има најниска цена на патарините.
Електронската наплата на патарините е замислена со цел да се иземе човечкиот фактор така што плаќањето ќе биде со картички, а странците ќе имаат опција да плаќаат со банкарски картички.
|