04.09.2012, 12:31 Ал Зуби: Ќе и ги отсечам рацете на Турција ако се меша во Сирија
Ако Турција продолжи како досега да се меша во Сирија за прашањата што се однесуваат на националната безбедност ќе и ги отсечам рацете. Тоа исто ќе се случи и со другите држави кои ни се мешаат во работите, тие ќе платат за тоа, изјави сирискиот министер за информации Омран ал Зуби.
Тој упати и критики кон турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој претходно изјави оти сирискиот претседател Башар ал Асад нема легитимност.
- Не е Ердоган тој кој треба да кажува оти Башар ал Асад ја загубил политичката легитимност и дека треба да си замине. За тоа може да одлучи само нашиот народ преку избори, наведе Ал Зуби.
Сирискиот министет посочи оти Дамаск нема да отстапи ниту педа од земјата за формирање на тампон зона на границата меѓу Сирија и Турција.
- Ако се преземе таква акција, како одговор на тоа сириските сили ќе ги бомбардираат таквите зони, истакна Ал Зуби.
Тој повтори дека Дамаск ги поддржува напорите на специјалниот пратеник на Обединетите нации и на Арапската лига, Лахдар Брахими.
- Ние му помагавме и на Кофи Анан, но неговата мисија не успеа поради обвинувањата од страна на Турција, Катар и Саудиска Арабија што ги упатуваа кон Дамаск, наведе Ал Зуби.
Тој ги повика сириските бегалци да се вратат, ветувајќи дека против нив нема да има санкции. |