05.09.2012, 14:23 Роналдо: Парите немаат никаква врска
Португалецот негира дека причината за тоа што не е среќен во Реал Мадрид е платата
Бидејќи ја раздрма целата светска јавност и стана главна тема дури кај оние што редовно не ги следат случувањата во фудбалот, Кристијано Роналдо одлучи преку својот профил на „Фејсбук“ да и' се обрати на јавноста - најмногу на навивачите на кралскиот клуб. Португалецот во своето соопштение демантира дека е незадоволен од платата во Реал Мадрид.
„Откако изјавив дека сум тажен, направив голем хаос. Ме обвинија дека барам повеќе пари, но еден ден ќе се докаже дека тоа не е точно. Во овој момент посакувам да ги уверам навивачите на Реал Мадрид дека мојата мотивација, посветеност и желба да се освојат сите титули нема да бидат доведени во прашање. Премногу се почитувам себеси и Реал Мадрид за во одреден момент да одиграм под моите можности“, пишува ѕвездата на Реал Мадрид.
Пред да го напише својот демант, големиот број приказни поврзани со незадоволството на Роналдо предизвикаа голем револт и кај првиот човек на Реал Мадрид. Флорентино Перез изјави дека подготвил сума за отштета доколку некој сака да го купи Португалецот.
„Не постои причина за тој да биде незадоволен“, изјави Перез. „Ако беше незадоволен, тоа требаше да го каже пред да заврши преодниот рок за да реагираме побрзо. Ако сака да замине, ќе замине“, заврши Перез, кој свика вонреден состанок по повод изјавата на Роналдо.
Во моментов Португалецот заработува 10 милиони евра, договорот му истекува за три години, а неговата откупна клаузула вреди 100 милиони евра.
Манчестер сити прв излезе со понуда за неговите услуги, понуди 120 милиони евра. Во редот на заинтересирани стојат Челзи, ПСЖ и Манчестер јунајтед.
|