06.09.2012, 13:11 Марија Светиева со графики во Берлин
Македонската ликовна уметница Марија Светиева на 31 август отвори самостојна изложба во „Прима центар“ во Берлин, која ќе биде поставена до 15 септември. Ова е нејзина 37. самостојна изложба, на која се претставени 30 графики од циклусот „Љубов-живот“, работени во последните четири години, во комбинирана техника.
Марија Светиева од 1987 до 2012 година има остварено над 186 колективни изложби низ Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Русија, Германија, Франција, Јапонија, Тајланд... Досега има добиено десет награди за графика во Македонија, но и во Шведска, Италија и Франција, како и две награди за цртеж во Македонија.
Светиева дипломира графика на ФЛУ во Скопје во 1987 година, каде што во 2010 година и магистрира. Во 1990, специјализира графика во Болоња, а наредната година станува член на Интернационалното графичко друштво во Рим.
|