06.09.2012, 16:27 Наковска-Бикова го освои 17. место, Каранфилов 27-ми
Нашите претставници не успеаја да се пласираат во финалето во стрелање со малокалибарски пиштол од 50 метри на Параолимписките игри во Лондон
Оливера Наковска-Бикова го освои 17. место, а Ванчо Каранфилов заврши 27. во конкуренција на 29 натпреварувачи во стрелање со малокалибарски пиштол од 50 метри на Параолимписките игри во Лондон. Наковска-Бикова забележа резултат од 515 круга, Каранфилов 492, а најдобар во квалификациите беше Сеакјун Парк од Јужна Кореја со 550. Последниот што обезбеди финале, осмопласираниот Сергеј Малишев од Русија, истрела 531 круг.
Со ова заврши настапот на двајцата македонски репрезентативци на 14. Параолимпијада, кој ќе остане запаметен по златниот медал на Наковска-Бикова во воздушен пиштол од 10 м и по нејзиниот светски и параолимписки рекорд во квалификациите во истата дисциплина. (Р.Д.)
|