06.09.2012, 12:37 Одбојкарите сонуваат бараж за ЕП
Македонија денеска стартува во квалификациите против Австрија во Виена
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија вечерва од 18 ч. во Виена ги отвора квалификациите за Европското првенство во Данска и Полска 2013 со дуелот против организаторот на првиот квалификациски турнир во групата Ц, Австрија. Австријците трет пат се наши противници во квалификациите, а во меѓусебниот скор е 3:1 за Македонија во победи.
И покрај тоа што директниот противник на А-тимот за второто место во Ц-групата ќе ја има предноста на домашниот терен, капитенот Никола Ѓорѓиев со оптимизам го очекува почетокот на турнирот.
„Оптимист сум и сакам позитивно да гледам на настапот на овој турнир. Мечот со Австрија ќе ни биде најважен, не само резултатски, бидејќи не само што се среќаваме со еден од директните конкуренти за посакуваното второ место, туку и поради атмосферата што може да ни ја донесе. Ако стартуваме со победа, ќе добиеме подобра психолошка стабилност, поголема самодоверба и тоа ќе ни помогне да се насочиме кон следниот противник во одлично расположение. Во спротивно, ќе биде многу тешко за краток период да се вратиме и да се насочиме кон апсолутниот фаворит во групата, селекцијата на Чешка“, смета предводникот на репрезентацијата.
Во доцниот термин од првиот ден во нашата група Ц главниот фаворит Чешка се среќава со Хрватска, која преку квалификациите влезе во ова друштво. По одигрувањето на двата турнира, лидерите во групите ќе им се приклучат на директно пласираните учесници на завршницата, а последните три места ќе бидат пополнети преку третата, бараж-фаза (17/19 и 24/26 мај 2013), во која второпласираните селекции од групите ќе го бараат своето место во финалната 16-ка на Европското првенство.
|