07.09.2012, 13:15 За Денот на независноста македонското знаме подигнато во Торонто
Во организација на Генералниот конзулат на Македонија во Торонто по повод 8-ми септември во Квинс парк, пред Собранието на Онтарио, беше подигнато македонското знаме
Во предвечерието на најголемиот македонски државен празник 8-ми септември во центарот на Торонто, во Квинс парк, пред Собранието на Онтарио, беше подигнато македонското знаме.
Во организација на Генералниот конзулат на Македонија во Торонто, со посебно одобрение од високите провинциски власти, во присуство на стотици македонци, но и странски гости, пријатели на Македонија и македонскиот народ во Канада, македонското знаме го подигна еминентниот светски ликовен уметник Георги Даневски, кој долги години живее и твори во Канада.
Присутните беа поздравени од генералниот конзул Драган Ѓурчевски и претседателот на најстарата организација на македонците во Канада, организацијата Обединети Македонци од Торонто. Посебен впечаток на церемонијата остави интерпретацијата на канадската и на македонската химна од страна на хорот при МПЦ „Св. Климент Охридски“ од Торонто.
По повод Денот на независноста, честитки упатија премиерот на Онтарио Далтон МекГинти, градоначалникот на Торонто Роб Форд, како и бројни здруженија, асоцијации и поединци. |