06.09.2012, 13:16 Д-р Марјан Бојаџиев избран за најдобар професор во Европа и во Азија
Наградата му ја додели Советот за акредитација за бизнис-школи и програми (АЦБСП) во конкуренција од 97 универзитети од 29 држави
Д-р Марјан Бојаџиев, ректор на Универзитетот Американ колеџ во Скопје, е добитник на наградата за најдобар професор во Европа и во Азија. Наградата му ја додели Советот за акредитација за бизнис-школи и програми (АЦБСП). Бојаџиев, кој на Американ колеџ предава на Факултетот за деловна економија и организациски науки, го доби ова големо признание на Годишната конференција на Советот што се одржа од 15 до 18 јуни во Балтимор, САД.
„Се сеќавам дека мојот прв час како професор почна со прашањето - која е нашата мисија како едукатори. А таа е да направиме од нашите студенти подобри луѓе кои потоа ќе направат подобро општество. Оваа награда ја гледам како мој мал личен придонес за Универзитетот Американ колеџ и за нашата држава и повеќе вакви мали чекори ќе значат голем чекор кон тоа Македонија да биде навистина поубаво место за живеење“, рече професорот Бојаџиев по повод примањето на наградата.
Наградата на Бојаџиев завчеравечер и официјално му ја додели проф. Џереми Крипс, претставник на АЦБСП, кој истакна дека наградата е доделена не само поради неговите извонредни лични способности во училницата, туку и во организација и управување со Универзитетот Американ колеџ.
„Извонредно е важно што Американ колеџ е единствена високообразовна институција од Македонија, но и јужно од Виена, која е целосно акредитирана од АЦБСП, како установа што овозможува настава на англиски јазик, според американски наставни програми, а тоа, пак, значи висок квалитет на наставата и меѓународно признаена диплома“, истакна Крипс.
АЦБСП се состои од десет региони – седум се во САД, осмиот е Европа и дел од Азија, деветтиот е Далечниот Исток и десеттиот е Јужна Америка. Регионот осум, во кој Бојаџиев е избран за најдобар професор, го сочинуваат 97 универзитети и бизнис-школи од 29 држави од Европа и од Азија.
Проф. Бојаџиев ја доби наградата во категоријата додипломски и постдипломски студии, а самата евалуација на кандидатите се врши врз основа на пет критериуми: наставна дејност, професионален развој, институционална приспособливост, развој на наставни планови и посветеност кон заедницата. (Г.Д.) |