06.09.2012, 15:31 (ФОТО) Македонија по трета среќа на „Максимир“
Најдобрите македонски фудбалери вечерва во Загреб ќе ги почнат квалификациите за СП
Од нашиот известувач Сашко Ѓ. Димовски
ФОТО: Петр Стојановски
ЗАГРЕБ - „Од што стравувате?“, беше прашањето со кое хрватските новинарски екипи го дочекаа Чедомир Јаневски на аеродромот „Плесо“ во Загреб утринава малку по 7 часот. На излезот од авиопристанишната зграда микрофони и диктафони на готовс, подготвени тефтери, вклучени фотоапарати и камери по слетувањето на „боингот“ од Скопје, но македонскиот селектор не се задржа многу. Само кусо, во минување, возврати: „Во моментов се плашам да одам само во Сирија. Нема зошто да се плашам овде. Дојдовме да играме фудбал“, по што го смести куферот во автобусот и мирно се качи во него.
Македонскиот фудбалски тим утревечер од 20,15 ч. на „Максимир“ отвора ново поглавје во своето досие. Гостува кај селекцијата на Хрватска на стартот од нов циклус квалификации, овој пат за Светското првенство 2014 во Бразил. Целиот репрезентативен табор силно посакува да влезе во него со позитивен резултат, а тоа би било и реми пред патувањето во Глазгов и судирот со Шкотска во вторник на „Хемпден парк“ во 20,45 ч.
Игор Штимац и Чедомир Јаневски решија докрај да останат доследни, па и во текот на денешниот ден ја продолжија играта на нерви за одржување на нивото на адреналин во пресрет на мундијалската премиера. Обајцата ги кријат адутите и составите за меѓусебната пресметка, иако и едниот и другиот порачуваат дека ги знаат веќе два-три дена. И не само тие, туку и фудбалерите. Дилеми не постојат за нив.
Хрватскиот кормилар на денешниот прес дури истакна дека ги знае и резервите за претстојните 90 минути, но и тој и Јаневски решија да молчат. Па, во какви формации и со кои играчи ќе истрчаат репрезентациите на Хрватска и на Македонија на „Максимир“ ќе се знае непосредно пред почетокот на средбата, во која домаќинот е фаворит и во која влегува со атака на трите бода како единствена опција. Македонскиот национален тим, пак, ќе се обиде со сите сили да им ги заплетка сметките на „коцкестите“.
|