06.09.2012, 11:59 Јаневски го крие составот
Пред поаѓањето за Загреб утрово, македонскиот селектор вели дека има причини за задоволство и надеж во добар резултат против Хрватска на стартот од квалификациите за СП 2014.
„Имам причина за задоволство и надеж за добар резултат в петок во Загреб по четирите одработени тренинзи во Скопје“, порача македонскиот селектор Чедомир Јаневски во последниот ден од подготовките пред дуелот со Хрватска на стартот од квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година.
Македонската репрезентација без поголеми проблеми работеше во минатите четири дена. Фудбалерите тренираа, уигруваа опции, реализираа замисли на Стручниот штаб, го анализираа ривалот и коваа стратегија како да се пристапи за, резултатски, добро да се мине на „Максимир“. Притоа, се изолираа од пораките што пристигнуваа од Хрватска. Едноставно, се фокусираа на себе и на тоа што треба да го сторат утревечер во Загреб.
„Патуваме со свои мотиви. Играме на гости и не не' интересира дали стадионот ќе биде полн или не, дали Штимац го сака народот или не. Насочени сме кон нас, бидејќи многу работи ќе зависат од тоа како ние ќе се однесуваме и играме. А, ќе пристапиме со респект кон противникот и со почит кон сопствените квалитети. За Хрватска знаеме многу, знаеме како играат, само не знаеме со кој состав ќе се спротивстават“, истакна Јаневски.
Тој откри три причини според кои ќе почувствуваме дека фудбалската репрезентација на Македонија има нов селектор. Првата е промена во формацијата, втората се однесува на изменетите улогите на репрезентативците во играта со топка и без неа и третата е офанзивната интенција и обидот да бидеме опасни пред противничкиот гол, а не да се браниме.
Македонија утревечер по третпат ќе гостува на „Максимир“. Резултатите што ги остваривме во претходните две посети на хрватската престолнина не кореспондираа со прикажаната игра. Првиот меч го загубивме со 3:2, вториот со 2:1. Но, тоа беа други времиња, друга констелација на односи, друга генерација на фудбалери, па оттука е неблагодарно да се повлече паралела. Овојпат, играчите се нови, со нови желби за докажување и амбиции за добар резултат. Нивни лидер е Горан Пандев, кој посакува резултатски да минеме како при последното соочување со „коцкестите“ во Скопје, кога славевме со 2:0.
„Дај боже да се повтори последниот резултат со Хрватите во Скопје. Хрватска е квалитетна репрезентација, одигра добро на Европското првенство. Ние, пак, имаме доста млади фудбалери и нова тактика. Тактички вака не сме работеле досега. Атмосферата во тимот е одлична. Пред нас е тежок ��атпревар. Подготвени сме да го дадеме максимумот и добро да тргнеме во овој циклус на квалификации“, коментира Пандев.
Националниот тим утрово треба да отпатува во Загреб со редовна авионска линија. За вечерва е предвидено да го одработи и единствениот тренинг на „Максимир“ во времето на одигрување на ��ечот во 20,15 часот. По натпреварот експедицијата ќе преноќи во Загреб, а в сабота попладне ќе го продолжи своето патешествие до Глазгов, каде што во вторник од 20,45 ч. на „Хемпден парк“ ќе и' се спротивстави на репрезентацијата на Шкотска. (С.Д.)
Мурињо и Пандев во контакт
Португалскиот фудбалски стручњак Жозе Мурињо му се јавил на Горан Пандев. Во телефонскиот разговор, меѓу другото, го информирал дека на 7 септември ќе биде Загреб и во живо ќе го следи мечот меѓу Хрватска и Македонија.
„Пред два дена се слушнавме со Мурињо. Бев изненаден кога му кажа дека ќе дојде во Загреб“, откри нашиот капитен на вчерашната прес конференција во Скопје и продолжи: „Неговото присуство, секако, ќе биде дополнителен мотив за нас во натпреварот покрај основниот што се вика Хрватска. Но, на тоа не треба да обрнуваме премногу внимание. Треба да се фокусираме на нашата игра. Поголем мотив од настап во државниот дрес нема“.
Јаневски по мечот во Загреб веднаш заминува за Глазгов
Веднаш по завршување на утрешниот дуел на „Максимир“, Чедомир Јаневски, со редовна линија, ќе отпатува за Глазгов, каде в сабота ќе ги снима нашите наредни ривали во мечот против Србија. Репрезентативците ќе преноќат во Загреб в петок и за Шкотска ќе се упатат в сабота во попладневните часови со чартер лет.
|