05.09.2012, 15:55 Ферер побрз од дождот, подобар од Гаске
Шпанецот се проби меѓу најдобрите осуммина на Ју-Ес опен пред да заврне
Давид Ферер ги однесе подалеку шпанските надежи на Ју-Ес опен. Четвртиот фаворит го пополни првото место меѓу најдобрите осум тенисери, откако успеа да го совлада 13. носител Ришар Гаске во три сета, пред дождот да завладее целосно со терените на Флашинг Медоуз. Мечот беше два пати прекинуван, но тоа не го наруши ритамот на најдобриот Шпанец во Њујорк.
„Моравме два пати да почнуваме, речиси од ново. Требаше силен фокус за да се продолжи“, изјави Ферер, кој стана само вториот Шпанец, по Рафаел Надал што успеал да стигне до четврт-финалето на сите четири грен-слема во една сезона. „Среќен сум поради тоа. Оваа сезона е најдобра во мојата кариера, играм на високо ниво цела година“, констатира Ферер, кој се' уште чека на првото финале на големите турнири.
Сепак, победата ни оддалеку не беше лесна и извесна. Ферер го доби првиот сет во 12 гема, а во вториот успеа да направи брејк кога Гаске сервираше при водство од 5-4. Изедначен беше и третиот сет, но за разлика од претходните, одлучи само еден брејк-поен и тоа во последната, десетта игра. Во четвртфиналето Ферер оди на победникот од двобојот Типсаревиќ - Колшрајбер.
|