06.09.2012, 15:01 Британската министерка за внатрешни работи исвиркана на Параолимпијадата
Британскaтa министерка за внатрешни работи, Тереза Меј, беше исвиркана од публиката во спортската арена на Параолимписките Игри кога беше најавено нејзиното име при предавањето на медалите.
Таа е вториот британски министер кому му се случува да биде јавно исвиркан на параолимписките терени, што се поврзува со актуелната економска ситуација во земјата и незадоволството на поголемиот дел од јавноста со економската политика на коалициската Влада.
Претходно, беше исвиркан и министерот за финансии Џорџ Озборн, врз кого од јавноста и од опозицијата се врши притисок да ја измени сегашната економска политика и да ги олесни острите мерки за намалување на буџетската потрошувачка, поради што стотици илјади луѓе, посебно во јавниот сектор, останаа без работа.
Озборн и неговиот тим, меѓутоа, инсистираат дека намалувањето на внатрешниот буџетски долг на земјата и острото кратење на буџетската потрошувачка, се неминувани, инистирајќи дека владината политика нуди основи за позабрзан развој на домашната економија. Тој и министерката за внатрешни работи важат за блиски и лојални сојузници на премиерот Дејвид Камерон во Владата и меѓу ториевците, па ги задржаа своите функции и по вчерашната владина реконструкција.
Опозициските лабуристи го искористија случувањето со владините министри на Параолимписките Игри, како основа за нови остри критики на владината политика во економијата. Опозицијата тврди дека мерките за штедење и кратење на буџетиот се преобемни и пребрзи, па ја блокираат можноста за раст на економијата. Проториевските економски експерти тврдат дека Владата не смее да попушти и покрај јавното исвиркување на министрите, објаснувајќи дека „нема безболно решавање на економските состојби“.
|