06.09.2012, 09:57 „Маратонско“ обраќање на Бил Клинтон за успесите на Обама
На втората вечер од конвенцијата на демократите поранешниот претседател Клинтон во своето речиси едночасовно обраќање го пофали Обама за успешноста на политиките што ги спроведува
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, во маратонско обраќање на конвенцијата на Демократската партија во градот Шарлот, го претстави претседателот Барак Обама како кандидат на партијата за изборите во ноември.
- Сакам да номинирам човек кој однадвор е ладнокрвен, но одвнатре гори за Америка. Кој верува дека можеме да изградиме нова економија на американскиот сон, водена од иновација, креативност, образование и соработка. Воедно, човек кој беше доволно мудар да се ожени со Мишел Обама, порача Бил Клинтон.
Претседателот Обама и Клинтон, на крајот на оваа втора вечер на конвенцијата, заедно ги поздравија илјадниците партиски делегати и активисти.
Претседателот Клинтон во своето скоро едночасовно обраќање, го пофали Обама за финансирањето на автомобилските компании Џенерал Моторс, Крајслер и Форд на кои им се закануваше банкрот, ублажувањето на условите за престој на илегалните доселеници и го бранеше Обама од низа критики, како обвинението дека под него економијата е во застој.
Клинтон ги обвини републиканските кандидати Ромни и Пол Рајан дека, доколку дојдат на власт, ќе ги банкротираат социјалните програми за заштита на постарите и сиромашните. Бил Клинтон говореше на крајот на ден кој помина во знакот на раскол во партијата, околу прашањето за улогата на Господ во нивната партиска платформа, како и за статусот на Ерусалим. Демократите беа обвинети дека во својата платформа, по подолго време, за првпат го изоставуваат спомнувањето на Господ.
Ова беше критикувано од демократските кандидати кои доаѓаат од области на САД каде црквите имаат важна улога во политичкиот живот.
Воедно, демократите од платформата го изоставија ставот дека Ерусалим треба да биде неделив главен град на државата Израел.
Мит Ромни, кандидатот на Републиканската партија, смета дека претседателот Обама со изоставувањето на гаранциите за статусот на градот Ерусалим “го турна нашиот сојузник Израел пред автобус”. Гласовите на еврејската заедница во САД, која традиционално гласа за демократите, се важни, особено во сојузната држава Флорида каде анкетите покажуваат тесна борба меѓу Ромни и Обама.
Извори во Демократската партија најавија дека претседателот Обама лично интервенирал да се извршат промени во платформата, но делегатите ��е поделија. Антонио Виљараигоса, градоначалникот на Сан Антонио кој претседава со конвенцијата во Шарлот, трипати по ред се обиде да ги натера делегатите, со акламација, да ги усвојат измените во платформата, но на трите обиди повиците „за” и „против” беа еднакво гласни. Сепак, Виљараигоса, по третото гласање, ги прогласи измените за прифатени, на гласно негодување на приближно половина од присутните кои сметаат дека платформата е изменета со нерегуларно гласање.
Елизабет Ворен и Сандра Флук беа главните говорници на вториот ден на конвенцијата, пред обраќањето на Клинтон. Ворен, професорка на Харвард и кандидат на демократите за сенатор од Масачусетс, се смета за идеолошки водач на анархистичкото движење Окупирај го Вол Стрит, и е една од водечките советници на претседателот Обама за начинот на регулирање на кредитната индустрија.
- Луѓето чувствуваат дека системот е наместен против нив. Погледнете само, нафтените компании добиваат милијарди во субвенции, милијардерите плаќаат пониски стапки на данок од нивните секретарки, директорите од Вол Стрит кои ја уништија нашата економија и милиони работни места доаѓаат во Конгресот, без срам, бараат услуги и се однесуваат како да треба да им се заблагодариме, порача Ворен, која беше бурно поздравена од публиката.
Според Сандра Флук, активистка за правата на жените, Републиканската партија ќе ги доведе американските жени во состојба да плаќаат повеќе или да немаат пристап до здравствена заштита.
Меѓу другите говорници, Демократската партија отстапи простор за тројца поранешни вработени во компании кои биле затворени откако биле откупени од страна на Бејн капитал, инвестициската компанија на кандидатот Мит Ромни.
Калуѓерката Симон Кемпбел ги обвини републиканските кандидати дека ја занемаруваат грижата за сиромашните.
Претседателот Обама на делегатите треба да им се обрати денес.
Неговиот настап е преместен од стадионот во Шарлот, каде ќе требаше да наполни до 70.000 места, во многу помалата спортска сала Тајм Ворнер каде се одржаа и првите две вечери на конвенцијата. Демократската партија соопшти дека локацијата е промената поради очекуваното лошо време. (МИА) |