07.09.2012, 13:16 Македонски компании на саем за автомобилска индустрија во Германија
Четири македонски компании од автомобилската индустрија ќе ги презентираат своите производи на националниот штанд на саемот Автомеханика во Франкфурт, Германија, од 10 до 13 септември годинава.
Станува збор за компаниите СТД производител на амортизери за комерцијални возила, автобуси и приколки, „Ариазоне“, производител на автоматски станици за сервисирање автомобилски клима уреди и други разладни системи, „Брансиз“, производител на информатички технологии и „Еин Соф“, производител на софтвери за автомобилската индустрија, чие учество на саемот е поддржано од Проектот на УСАИД за унапредување на инвестициите и извозот (ИДЕАС) и Проектот за инвестиции на извозот, имплементиран од ГИЗ.
УСАИД, преку двата проекти, а во соработка со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, ја поддржуваат автомобилската индустрија на Македонија. - Многу вложуваме за да ја поддржиме Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во промовирање на автомобилската индустрија на Македонија на одредени трговски саеми. Ова е клучно за градење бизнис релации со потенцијалните европски купувачи и промоциија на Македонија и нејзината индустрија како географски блиска дестинација, вели Кирил Миноски, советник во Проектот за унапредување на инвестирањето и извозот.
Во соопштението се наведува дека ова е дел од напорите на УСАИД наменети за одржлива промоција на извозот, што ќе придонесе кон зголемување на оперативната ефикасност, но и на развојот на човечките ресурси и институционалниот развој на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.
Саемот Автомеханика е водечка манифестација за автомобилската индустрија, со 4.000 учесници и меѓународно учество.
|