05.09.2012, 16:23 Исцртани опасни етнички линии во парламентот
Противничките ДУИ и ДПА сложно се спротивставија на законот за бранителите наспроти СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Ако некому не му беше јасно досега дека поради актуелниот политички контекст законот за бранители поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ освен што ќе донесе некаква корист за жртвите и нивните семејства од конфликтот во 2001 година, ќе претставува и разорен удар за меѓуетничките темели врз кои е изградена оваа држава, по денешната мачна дебата во Комисијата за труд и социјала, би требало да му се отворат очите.
На седницата на Комисијата, која прва го разгледуваше законот и која предизвика неверојатна заинтересираност (вака не било никогаш, коментираа службениците во Собранието), албанските политички партии синхронизирано фрлија четка на новата државна слика на која сега освен надворешни црвени линии, ги имаме и реактуализираните внатрешни. Сосема спротивна, да речеме, од пријателската слика што ја наслика Ермира Мехмети од ДУИ, кога за време на паузата гордо им ги покажуваше фотографиите од своето бебе на пратеничките од СДСМ.
„Кој очекуваше дека ДПА децидно ќе не' поддржи во обидот да се спречи овој недемократски, антиалбански закон спротивен на Охридскиот договор. Има нешта за кои може да се дебатира, но некогаш едноставно не може да се поминуваат црвените линии“, се закани Џевад Адеми од ДУИ. Според него, законот е против европска Македонија. „Во декември постои можност да добиеме и датум за преговори со ЕУ, но некому тоа очигледно не му одговара. Секој ден имаме повици од Брисел, за вразумување, немојте да ја прокоцкаме оваа шанса“, предупреди Адеми откако Имер Алиу потенцираше дека „ова е меѓуетничка битка“.
И двајцата практично најавија период во кој Македонија десет години по Рамковниот договор освен за линиите во спорот со Грција, можеби ќе треба да бара помош од меѓународните институции за се' посјајните македонско-албански линии кои очигледно само навидум биле избришани. Адеми категорично кажа дека ДУИ не отстапува од својата намера со сите расположливи законски средства да го спречи донесувањето на овој закон, кој ги исклучува борците на ОНА.
Неофицијално од ДУИ, како дел од претпоставките за распад на коалицијата, поради комплицираните внатрешни односи, контра оние што велат дека владејачката коалиција договорила се' до детали, се слушаат најави и дека во Собранието покрај блокадата на донесувањето на овој закон со илјадници амандмани. А можни се и блокади на сите законски предлози што доаѓаат од Владата, како и целосно парализирање на институциите. Односно секаде каде што ќе биде потребен Бадентер за носење некаква одлука, тој да се примени за да се блокира нејзиното донесување.
И ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на својот став дека сега е вистинско време да се донесе законот. Според претставникот на предлагачите, Веле Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, ова е момент да се погледне вистината в очи и, како што додаде, време за национално помирување.
„Во 2001 година не се случи војна помеѓу Македонците и Албанците, меѓу православните и муслиманите. Во резервниот состав на АРМ имаше и Албанци. Денеска е денот кога треба да го вратиме долгот кон бранителите“, изјави Веле Георгиевски. (Н.К.)
|