06.09.2012, 16:08 Контадор нов лидер на Вуелта
Со неочекуван напад во финишот на 17. етапа, Шпанецот го остави далеку зад себе Родригез
Изненадувачкиот напад му донесе на Алберто Контадор етапна победа и преземање на водството во вкупниот поредок на велосипедската трка „Вуелта а Еспања“. Кога трката влезе во својата трета и последна недела, Шпанецот заостануваше 28 секунди во однос на тогашниот лидер и сонародник Хоаким Родригез и се чинеше дека се соочува со речиси сигурен пораз. Но, во наизглед лесната етапа низ ридовите на Кантабрија, која кулминира со долго и напорно искачување до Фуенте Де длабоко во планините Пикос де Еуропа, Контадор се издвои со група од 18 возачи, за потоа да ги остави зад себе еден по еден и да ги извози сам последните 13 километри. Родригез очајно се обидуваше да го намали јазот, но Контадор пристигна на целта шест секунди пред сонародникот Алехандро Валверде и Колумбиецот Серхио Енао.
Двократниот победник на Тур де Франс, кому на 5 август му истече суспензијата поради допинг, сега води во генералниот пласман со предност од 1:52 минути во однос на Валверде. Родригез, кој 17. етапа ја заврши десетти со заостанување од 2:38 минути, сега е трет со 2:28 минути послабо време од новиот лидер.
Триесетгодишниот Контадор се бореше со солзите додека на репортерите им зборуваше дека нападот на искачувањето од трета категорија во Колјадо де ла Оз го почнал откако „ѓаволско гласче во моето уво ми велеше: ’стори го тоа, стори го тоа‘“.
„Отпрвин не сакав да слушам, но веќе го имав почнато забрзувањето и решив да пробам да видам што ќе се случи. Тоа беше по малку камиказе потег, но си помислив дека, сепак, треба да се обидам“, објаснува тој.
Родригез и неговиот тимски колега од Каќуша, Алберто Лосада, очајнички форсираа во искачувањето до Фуенте Де, но дотогашниот лидер во трката изјави дека тоа била невозможна задача.
„Ја загубив трката, но не можев да сторам ништо. Алберто беше суперсилен“, призна тој. „Добив милиони текста и електронски пораки од луѓе што и ми велеа дека сум доволно добар за да триумфира на Вуелта, но потоа видовте што се случи кога најмалку ќе се надевате. Но, никој не можеше да го очекува тоа. Ова беше навистина изненадувачки напад. Во ниту еден момент не можев да очекувам катастрофа како оваа што се случи. Тој сите не исфрли од игра и тоа беше невозможно да се предвиди“.
Контадор во неколку наврати го напаѓаше Родригез во претходните планински етапи на Вуелта, но безуспешно. Тој се прашуваше дали ќе може да ја забележи својата втора победа на Вуелта по таа во 2008 година.
„Не сакам да размислувам за иднината. Едноставно, сакам само да уживам во чувствата што ги имам сега“, изјави Контадор откако ги прегрна мајка си и својот брат на целта. „Ова ми е доволно во моментов“.
|