07.09.2012, 14:37 Бенати најбрз во најдолгата етапа на Вуелта
Италијанецот за влакно беше побрз од Британецот Бен Свифт, а трет на целта во етапата долга 204,5 километри стигна Австралиецот Алан Дејвис
Победникот на најдолгата етапа на велосипедската трка низ Шпанија беше решен во последните сантиметри, а големата спринтерска битка ја доби италијанскиот ветеран Даниел Бенати (31). Тој за влакно беше побрз од Британецот Бен Свифт, а трет на целта во етапата долга 204,5 километри стигна Австралиецот Алан Дејвис. На врвот во вкупниот поредок нема промени, бидејќи тројцата првопласирани ја завршија 18. етапа со големата група велосипедисти што финишираа десет секунди зад победникот.
Се возеше од Агилар де Кампо до Валјадолид, но, иако најдолга, етапата не беше толку тешка за натпреварувачите, бидејќи немаше ниту едно категоризирано искачување. Својата шеста етапна победа на Вуелта во кариерата Бенати ја посвети на својот поранешен тимски колега Вутер Вејланд, кој трагично го заврши животот на Џиро ди Италија минатата година.
„Ова е победа за Вутер, кој славеше тука пред четири години. За мене оваа година беше доста тешка, бидејќи поради болеста не се подготвив на посакуваниот начин за Вуелта. Но, оваа победа е убаво остварување за крајот на сезоната“, изјави Бенати.
Шпанецот Алберто Контадор остана водечки во генералниот пласман со вкупно време од 72:25,21 часа, пред сонародниците Алехандро Валверде, кој заостанува 1:52 минути, и Хоакин Родригез, чие заостанување е 2:28 мин. во однос на лидерот.
|