06.09.2012, 14:48 Мурињо го тешеше Роналдо
Тренерот на Реал му се јавил на својот најдобар играч за да му каже дека сите во клубот го ценат
Шпанската сапуница „Несреќниот Кристијано Роналдо“ продолжува. На ред дојдоа советите, а прв се јави тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо. Откако ѕвездата на кралскиот клуб пристигнал на собирот на португалската репрезентација, веднаш добил телефонски повик од Мурињо.
„Ти си нашиот главен играч. Во ниту еден момент не треба да се сомневаш во тоа. Во Реал Мадрид сите те цениме, тоа мора да го почувствуваш. Ќе разговараме кога ќе се вратиш, тука сме да ти помогнеме и да те сослушаме. Мораш да ја надминеш ситуацијата и да одиш напред“, е дел од разговорот меѓу Мурињо и Роналдо, што го пренесе дневниот весник „Марка“.
Досега Мурињо неколку пати се има покажано како добар психолог. Претходно, ги тешеше Гонзало Игуаин и Рикардо Карвалјо.
Моменталната состојба на Роналдо стана топ-тема кај познатите психијатри во Шпанија. Една од нив е Патрисија Рамирез, според која Португалецот мора да биде задоволен, бидејќи е миленик на младата публика.
„Тој е идол кај младите и мора да работи на својот карактер. Не смее да биде тажен и депресивен, играч на негово ниво не смее да ги користи тие зборови. Поседува голем талент, има неверојатна девојка, мајка, сестра, многу пари, го прави тоа што сака. Мора да биде задоволен од животот“, стои во анализата на Патрисија, која верува дека Роналдо во приватниот живот е различен од теренот, односно не е ладен.
|