05.09.2012, 15:38 Хрватите со петмина во средината и со еден напаѓач
Штимац ќе инсистира на брза и рационална игра, на напад во сите 90 минути
По првичното дека не стравува од Македонија, хрватскиот селектор Игор Штимац за нијанса ретерира во односот кон нашата фудбалска репрезентација, иако го задржа оптимизмот дека бодовите во петок вечер ќе останат во Загреб.
„Македонија е незгодна и цврста репрезентација. Има важна промена во однос на натпреварот со Литванија. Таму Маријан Влак виде слабости кои произлегоа од фудбалери од домашното првенство. Новиот селектор Чедомир Јаневски на тие позиции повика искусни играчи кои настапуваат стандардно во своите клубови во странство. Македонија има три искусни стопери кои се паркираат пред својот шеснаесетник, опасни се по крилните позиции, а за Пандев и не треба да говорам“, вели Штимац и продолжува: „Јасно е дека не треба да мислиме дека ќе биде лесно. Но, ние сакаме три бода. Мора да бидеме трпеливи, одговорни, концентрирани, да бидеме подготвени дека тие ќе прават повеќе опструкции во играта. Ние во секој меч ќе одиме на три бода, за тоа не сакам да расправам“.
Штимац против Македонија сака неговиот тим да игра брзо и рационално, да не остави ниту простор ниту време за противникот, има намера да напаѓа 90 минути, но со уреден дефанзивен распоред. Затоа се очекува и да ја смени формација за разлика од дуелот со Швајцарија, па наместо хазардерската 4-3-3 од Сплит со тика-така примеси, најверојатно ќе посегне по 4-5-1 во Загреб. Хрватските медиуми шпекулираат со почетниот состав и според нив против Македонија ќе почнат Плетикоса, Срна, Ќорлука, Шилденфелд, Стриниќ, Ракитиќ, Модриќ, Манџукиќ и Едуардо. Притоа тие се прашуваат само како Штимац ќе го компонира средниот ред.
И Мурињо во ВИП-ложата на „Максимир“
Жозе Мурињо ќе пристигне во Загреб в петок на натпреварот Хрватска - Македонија. Тренерот на Реал Мадрид ја прифати поканата на Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) да биде гостин на главниот град на Хрватска на еден ден. Според најавите, Португалецот ќе го следи мечот од главната свечена ложа што е предвидена за гости од највисок ранг и за водечките луѓе на националните фудбалски федерации.
|