06.09.2012, 12:11 Арапската лига го повика сирискиот режим да прекине со насилствата
Министрите за надворешени работи на земјите од Арапската лига го повикаа сирискиот режим итно да прекине со насилствата и ги осудија убиствата на цивили, извршени како од владините сили, така и од опозицијата.
- Ние го осудуваме насилството и убивањето цивили од сите страни во конфликтот, наведуваат министрите во завршната декларација на средбата во Каиро.
Во документот се апелира до Советот за безбедност на Обединетите нации да ги преземе сите неопходни мерки за изнесување пред Меѓународниот суд на сите кои извршиле злосторства против човештвото.
Министрите изразија и длабока загриженост од влошувањето на хуманитарната состојба во Сирија. Катарскиот премиер Хамид бин Јасем, кој ја предводи министерската комисија за сириската криза ќе разговара со новиот меѓународен претставник за Сирија Лахдар Брахими околу нови начини за прекин на страдањата на сирискиот народ.
Воено решение на конфликтот во Сирија е осудено на неуспех, изјави генералниот секретар на Арапската лига Набил ал Араби на крајот на средбата.
- Военото сценарио нема да ја реши сириската криза. Неопходно е да бараме политичко решение, кое ќе го подготват сите страни, нагласи Араби. |