04.09.2012, 14:19 Бесплатен железнички превоз за 8 септември
Македонски железници Транспорт АД по повод 8 септември-Денот на независноста и интересот за присуство на централната прослава во Скопје, за 8 и 9 септември го прилагоди возниот ред во патничкиот сообраќај за потребите на патниците кои тој ден сакаат да бидат присутни на централната манифестација.
Кон Битола и Гевгелија ќе бидат пуштени во сообраќај посебни возови. По манифестацијата, посебниот воз за Битола, кој попатно ќе застанува на станиците Велес, Богомила и Прилеп, ќе тргне пет минути по полноќ од станицата Скопје, а за Гевгелија возот ќе тргне во 15 минути по полноќ и попатно ќе застане во станиците Велес и Неготино.
Времињата на тргнување на одреден број возови кон и од Скопје во правец на Кичево, Кочани и Табановце ќе претрпат одредени поместувања. Во правец на Кичево возот кој треба редовно да тргнува во 16 часот и 50 минути на 8 септември од Скопје ќе тргне во 14 часот и 52 минути со тоа што од Кичево кон Скопје ќе тргне во 17 часот и 15 минути наместо во 19 часот и 15 минути.
Ноќниот воз кон Кичево редовно поаѓа во 2 часот и 50 минути по полноќ на 9 септември ќе тргне во 20 минути по полно. Возот кон Кочани од Скопје кој тргнува во 15 часот и 20 минути на 8 септември ќе тргне во 13 часот со тоа што од Кочани кон Скопје ќе појде во 16 часот и 23 минути наместо во 18 часот и 23 минути.
Ноќниот воз кон Кочани на 9 септември ќе тргне во 25 минути по полноќ наместо во 2 часот и 25 минути. Кон Табановце ќе има поместувања само на времето на тргнување на возот кој од Скопје редовно поаѓа во 23 часот со тоа што на 9 септември ќе тргне во 10 минути по полноќ.
Превозот на сите линии на 8 и 9 септември по полноќ ќе биде бесплатен, соопштуваат од Македонски железници Транспорт АД-Скопје.
|