04.09.2012, 11:38 Пронајдени две обесени момчиња во Скопје и во Чегране
Две момчиња се пронајдени мртви во Скопје и во гостиварското село Чегране. Според полицијата, првично станува збор за самоубиства со бесење
Деветнаесетгодишно момче вчера е пронајдено обесено во близина на скопски Камник. Станува збор за Н.М., чие безживотно тело било забележано од случаен минувач. Полицијата извршила увид на самото место, а според првичните информации, најверојатно, станува збор за самоубиство. Телото на починатиот е предадено на обдукција.
Шеснаесетгодишно момче од гостиварското село Врбјане вчера е пронајдено обесено со јаже како виси на сливово дрво во месноста Бунарот од Циле во гостиварското село Чегране. Во Полициската станица во Гостивар го пријавил 34-годишен жител на селото Чегране, син на сопственикот на бачилото, во кое несреќното момче работело неколку дена.
Според информацијата на СВР-Тетово, тинејџерот нецела недела го чувал и го напасувал стадото на чегранскиот сточар. Од увидот што го извршиле на самото место на настанот истражен судија на Основниот суд - Гостивар, јавен обвинител и екипа на Полициската станица во Гостивар, констатирале дека врз безживотното тело нема траги на насилство. По налог на истражниот судија, телото на починатиот е предадено на обдукција. Мотивите и причината за самоубиството се' уште не се познати. Ова е трето самоубиство годинава во Гостиварско, а второ за последниве десетина дена.
|