04.09.2012, 14:51 Сити подготвил 120 милиони евра за Роналдо!?
Покрај „граѓаните“, кои први излегоа со конкретна понуда, за Португалецот се заинтересирани и Манчестер јунајтед и Челзи
Кристијано Роналдо би можел да го напушти Реал Мадрид веќе во јануарскиот преоден рок и да се врати во Манчестер, но не во својот поранешен клуб Јунајтед, туку во градскиот ривал Сити, пренесуваат шпанските медиуми. Покрај „граѓаните“, кои први излегоа со понудата од 120 милиони евра, за Португалецот се заинтересирани и Манчестер јунајтед и Челзи. Иако во јавноста се споменува и Пари Сен Жермен, клупскиот директор Леонардо го негира тоа, велејќи дека не ни размислувале за такво нешто.
Роналдо минатиот викенд постигна два гола во победата од 3:0 против Гранада, со кои стигна до бројката од 150 погодоци во дресот на кралскиот клуб, но не се израдува, објаснувајќи го тоа со професионални прашања со кои се запознати и челниците на Реал.
„Вистина е. Роналдо разговараше со претседателот Флорентино Перез и му рече дека сака да си замине“, изјави менаџерот Хорхе Мендеш.
Кристијано Роналдо дојде во Мадрид од Јунајтед во 2009 година за 94 милиони евра, што се' уште е најголем трансфер во историјата на фудбалот.
|