05.09.2012, 10:49 Филе: ЕУ не бара од Србија да го признае Косово
Европскиот комесар за проширување, Штефан Филе, изјави дека Европската унија не бара од Србија да го признае Косово во замена за членство во Унијата.
Филе по средбата со српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека условот на ЕУ за Србија, што се однесува на Косово, е „нормализација на односите, а не признавање“.
Изјавата на Филе уследи по вчерашните средби на Дачиќ со европските претставници. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц вчера изјави дека „ЕУ сака Србија да ја признае независноста на Косово“.
И Дачиќ наведе дека признавањето на Косово не е услов за членството на Србија во Унијата. Тој наведе дека изјавата на Шулц била грешно интерпретирана.
Српскиот премиер повтори дека неговата Влада е подготвена да го продолжи дијалогот со Приштина и оти ја поддржува иницијативата дијалогот да се води на високо ниво.
- Тие разговори претставуваат еден вид релаксирање на односите меѓу Белград и Приштина и изнаоѓање на трајно решение, што нема да ја стави под знак прашалник нашата принципиелна позиција за Косово и нема да стави сопирачки на нашиот европски пат, посочи Дачиќ. |