06.09.2012, 15:08 Денови на македонската култура во Марибор и Киев
Од 8 до 11 септември македонската култура ќе биде претставена во Европска престолнина на културата, Марибор
Македонската култура, од 8 до 11 септември, ќе биде претставена во Марибор, град кој заедно со португалскиот Гимараиш го носи епитетот Европска престолнина на културата за 2012 година. На 26 и 27 септември, пак, во Киев ќе се одржи манифестацијата „Денови на македонската култура“, која е реципроцитет на „Денови на украинската култура“.
Под мотото „Град на чистата енергија“, Марибор во почетокот на годинава стана Европска престолнина на културата, како и креативен полигон на кој ќе се претстават повеќе од 500 атрактивни културни програми од различни области.
На денешната прес-конференција во Музејот на македонската борба, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ги најави содржините што ќе бидат презентирани на двете манифестации. На 8 Септември - Ден на независноста на Македонија, во познатиот џез-клуб „Сачмо“ концерт ќе одржи македонскиот уметник Зоран Маџиров со својот бенд, а во истиот клуб на 10 септември концерт ќе одржи групата „Ла колони волвокс“. Деновите на македонската култура во Марибор ќе бидат заокружени на 11 септември во Словенечкиот народен театар со изведба на „Хамлет“ на Драмскиот театар од Скопје.
На маргините на настаните од манифестација „Денови на македонската култура“ во Марибор, министерката Канческа-Милевска ќе има средба со словенечкиот министер за култура, образование, наука и спорт, Жига Турк, на која ќе стане збор за унапредување на културата соработка меѓу двете држави. Таа ќе ја посети и Националната библиотека во Љубљана на која ќе и' биде подарена една едиција 130 тома македонска книжевност на англиски јазик.
На отворањето на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Украина, пак, на 26 септември во Националниот театар за опера и балет во Киев концерт ќе одржат реномираните уметници Сихана Бадивуку на виолина и Маја Кастратовиќ на пијано кои ќе ги изведат делата на Прокофјев, Властимир Николовски, Александар Лековски, Рахмањинов и Равел. Истата вечер ќе настапи и националниот ансамбл „Танец“. На 26 и 27 септември во реализација на Музејот на Македонија, во изложбениот простор на Националното здружение на сликарите на Украина ќе биде претставена и изложбата на 27 теракотни икони со 12 мотиви од Виничкото кале. На 27 септември пред украинската публика во Младинскиот театар во Киев ќе биде изведена и театарската претстава „Александар“ на Љубиша Георгиевски во изведба на актерска ек��па од Драмскиот театар.
|