04.09.2012, 12:09 „Прес ту егзит“ во влијателна публикација објавена во Њујорк
Македонската независна уметничка организација е претставена во „Арт спејсис дајректори“ објавен од „Њу Музиум“
Независната уметничка организација Проектен простор „Прес ту егзит“ од Скопје, основана од уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, во чиј фокус е истражување и продукција на полето на визуелните уметности и кураторски практики, е претставена во влијателната публикација „Арт спејсис дајректори“ (Art Spaces Directory), објавен од „Њу Музиум“ (New Museum) од Њујорк.
Оваа организација е вклучена во обемниот водич за организации, здруженија и независни уметнички простори кои што се занимаваат со истражување и делување во областа на современите уметнички практики и теории на покана на „Њу Музиум“, и е единствена од земјава која е застапена во публикацијата. Од регионот се споменати Центарот за современа уметност „Стацион“ од Приштина и Културниот центар „Реџ“ од Белград.
Инаку, публикацијата е директен резултат и омаж на иницијативата „Музејот како средиште“ која го истражува потенцијалот за експериметирање и размена преку резиденции, изложби и јавни програми, но и на улогата на „Њу Музиум“ во уредувањето на Триеналето во 2012 година насловено „Непокорливите“.
Концептот на „Арт спејсис дајректори“ е фокусиран кон организации со иновативна програма, а со цел да послужи како извор на информации за уметниците, уметничките професионалци, патрони и публиката во насока на поддржување на идните активности на полето на современета уметност. „Преку нивната храброст, агилност и посветеност, независните уметнички простори обезбедуваат место каде младите уметници ќе бидат негувани, сослушани и поддржани. Иницирани од уметници, куратори и ангажирани индивидуи, таквите простори одговараат на локалните потреби и интереси“, велат Јуџени Џо и Итан Свон од „Њу Музиум“, во воведот на публикацијата објавена во август годинава.
Во рамки на „Арт спејсис дајректори“ е претставена целосната агенда на работата на Проектен простор „Прес ту егзит“ со кратко споменување на досегашните проекти, гостувања и публикации. (Т.И.)
|