05.09.2012, 12:26 Уметниците и годинава ќе творат на Осогово
Денеска почнува 26. Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“
Петнаесетина уметници од земјава и од странство, од денеска до 15 септември ќе ја обединат својата творечка енергија во создавањето нови оригинални дела на 26. издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која традиционално се одржува во истоимениот манастирски комплекс кај Крива Паланка. Уметниците работат по слободен тематски пристап, инспирирани од духовноста на 10-вековното светилиште и прекрасното опкружување на падините на Осоговието.
На годинешнава ликовна сесија ќе учествуваат: Ѓонул Нухоглу од Турција, Енес Левиќ од Шведска, Клеменс Бенгкун СОУ од Јужна Кореја, Евгенија Левина и Ирина Бирјукова од Русија, Свилен Блажев, Магдалена Николова и Матеј Матеев од Бугарија, Галина Михајловна од Казахстан и Јелена Бојаниќ од Србија. Македонија, пак, ќе ја претставуваат Никола Иванов-Балтон и Димитар Стојчевски (дел од основачите на колонијата, заедно со Петар Мазев, Глигор Чемерски и уште неколкумина ликовни творци и љубители на ликовната уметност), како и Мирослав Масин, Лазо Ѓорѓиевски и Гордана Бурзевска.
„Колонијата, која во изминатите години се осведочи со своите естетски и вредносни резултати, одамна е присутна на светската мапа на сликарството, а денес претставува вистинска ликовна сликописна ризница, со постојана поставка на голем број дела во манастирската галерија. Во инспиративната духовна оаза на Осоговското светилиште се случува неверојатна креативна конфронтација на различните култури, што резултира со различни стилски ликовни ракописи, проникнати со духот на Осоговски и амбиенталниот простор на создавање“, вели Јордан Михајловски, иницијатор и координатор на Осоговската колонија, кој нагласува дека годинава таа ќе помине во знак на 21-годишнината од осамостојувањето на Македонија.
Авторите се должни да остават по две дела во ликовната збирка. Во годинешнава програма е предвидена и еднодневна екскурзија на учесниците за посета на знаменитостите во Скопје
Ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која не само што е една од најстарите во земјава, туку според квалитетот и меѓу најафирмираните и најетаблирани колонии во светски рамки, се одржува со поддршка на Министерството за култура и под патронат на МПЦ. Таа досега била пример за организирање уметнички колонии во повеќе странски земји, меѓу кои и на колонијата во Вилмингтон, Северна Каролина. Дела од колонијата во јули беа изложени во градот на културата Кочани, а во текот на најновата, 26. ликовна работилница, ќе биде отворена и изложба во Музејот-галерија во Куманово. Осоговската збирка брои над 600 дела, кои се наоѓаат во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ и во Центарот за култура од Крива Паланка. (Ж.Ц.)
|