06.09.2012, 10:45 Федерер елиминиран во четвртфиналето на Ју-ес опен
Томаш Бердих го приреди најголемото изненадување со победата над првиот светски рекет со 3:1 во сетови
Најдобриот тенисер на светот Рожер Федерер е елиминиран во четвртфиналето на Ју-ес опен. Синоќа на последниот меч од програмата Томаш Бердих го направи најголемото изненадување со победата над Федерер со 3:1 во сетови.
Во второто четвртфинале одиграно синоќа на Грен Слемот во Њујорк, Енди Мареј беше подобар од Марин Чилиќ со истиот резултат по сетови. Бердих и Мареј ќе играат меѓусебе во полуфиналето.
Другите мечеви од осминафиналето (4.коло) кои почнаа во вторникот завршија синоќа. Ланскиот победник Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето влезе откако неговиот ривал Станислав Вавринка го предаде мечот при водството на Ѓоковиќ од 2:0 во сетови.
Хуан Мартин Дел Потро во пензија „го прати“ Енди Родик откако го совлада со 3:0 во сетови, а Јанко Типсаревиќ го победи Филип Колшрајбер за влез во четвртфиналето.
Од мечевите во женска конкуренција Марија Шарапова направи пресврт во мечот со Марион Бартоли и победи со 2:1 во сетови во четвртфиналето.
Во италијанската пресметка во четвртфиналето Сара Ерани ја победи со 2:0 во сетови Роберта Винчи.
Пласман во полуфиналето избори и Серена Вилијамс, која со 6:1 и 6:3 по сетови ја совлада Ана Ивановиќ.
Според програмата денеска ќе се одиграат два дуела од машкото четвртфинале: Јанко Типсаревиќ ќе игра со Давид Ферер, а Новак Ѓоковиќ за противник ќе го има Хуан Мартин Дел Потро. |