06.09.2012, 16:38 Епидемија на црвени линии околу Македонија
За Николај Младенов постои „папочна врска“ меѓу нашата земја и Бугарија, па антибугаризмот не не' одвојува од нив, туку од ЕУ
„Она што го гледаме во Македонија е идеолошка интерпретација на историјата и обид да се создаде идентитет на сметка на Бугарија. Тоа не е нешто што ќе доведе до позитивен крај за земја која сака да биде дел од Европската унија“.
Со овие зборови, во интервју за бугарски „Капитал“, шефот на бугарската дипломатија Никола Младенов одговори на се' поагресивните притисоци во неговата земја Софија да и' покаже заби на Македонија. По критиките во некои од медиумите дека повеќе го интересираат Сирија и Блискиот Исток отколку соседството, Младенов завчера на седница на Владата најави формулирање стратегија за односите со соседите, или поточно само за оние кои не се членки на ЕУ и НАТО и кои, како што се верува во јавноста таму, може да се условуваат - Македонија, Србија и Турција. За стратегијата Младенов најави општа и јавна расправа, а идејата е зад неа да застанат сите политички сили така што таа ќе ги нацрта „црвените линии“ во односите кон трите држави. Стратегијата ќе се пишува веќе од идната недела и ќе биде ставена на расправа во бугарскиот парламент.
„Бугарија и Македонија се поврзани со папочна врска, граѓаните се поврзани и тоа нема никаква врска со државата, политиката и владата. Историјата не' поврзуваше, но и не' разделуваше. Колку повеќе во Скопје го надувуваат антибугаризмот, толку повеќе се оддалечуваат од европската агенда. Затоа ни е важно да дефинираме кои се параметрите на нашата поддршка кон соседите и кои се црвените линии што ни се важни“, изјави во интервјуто Младенов. Запрашан зошто тоа се прави сега, а не пред две години, Младенов одговори дека стратегијата требало да се дефинира пред 20 години, кога се распаѓаше СФРЈ.
„Веќе 20 години скитаме и тоа ја поткопува веродостојноста на нашите одлуки. Треба да гледаме напред, зашто ако гледаме назад околу тоа што не' дели, ќе најдеме повеќе од доволно причини. Можеме да си зборуваме многу за 1913 година, но така ќе ја испуштиме 2013 година“, порача Младенов во интервјуто, очигледно сакајќи да и' даде актуелен временски контекст на дебатата наспроти притисокот на ретроградните структури во Бугарија кои бараат држење лекции на Македонија за историјата.
Топката денеска се обиде да ја спушти и премиерот Бојко Борисов, кој ја поздрави како охрабрувачка и како нов тон во односите изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека историјата треба да се остави на историчарите. Според она што г�� најави Младенов, стратегијата треба да ги дефинира трајните културни, историски и политички интереси на Бугарија кои треба да бидат заштитени со „конструктивен дијалог“ со нас и другите земји. Во тој контекст ги спомена запазувањето на бугарскиот јазик и култура и развојот на бугарските заедници со порака дека ако сакаме поддршка за ЕУ, мораме да докажеме дека сакаме апсолутно конструктивно, одговорно и искрено да го изодиме патот што го изодила веќе неговата земја. (С.Ј.)
|