07.09.2012, 13:14 Во ЕУ само со решени билатерални спорови
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент идната недела треба да се изјасни за извештајот за стратешките интереси на ЕУ во проширувањето до 2025. година
Извештајот „Политиката и условите за проширувањето и стратегиските интереси на Европската Унија во оваа област за периодот 2012-2025 година “ го подготви грчката европратеничка Мaрија Елени Копа.
Во расправата што се водеше во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент по овај стратегиски документ беше нагласено дека „проширувањето мора да остане кредибилен процес“ и „затоа е значајно ЕУ да ги исполни своите дадени ветувања и да создаде услови кои ќе осигураат дека идните проширувања ќе бидат успешни“. Притоа европратениците сметаат дека е потребно „општо преиспитување на условите за прием, на воспоставените процедури и на политиката за проширување во целина, но сепак критериумите од Копенхаген, треба да останат срцето на политиката за проширување“.
Како да се надминат билатералните проблеми
За извештајот на грчката европарламентарка Мариа Елени Копа (социјалист), членовите на комисијата имаа предложено 287 амандмани. Добар дел од нив се однесуваа на начинот на кој треба да се разгледуваат билатералните спорови, за да тие не бидат пречка за пристапувањето во ЕУ.
На крајот големите пратенички групи, пред се‘ таа на Европските народни партии и европските социјалисти постигнаа компромисен договор (преточен во амандман) со кој ЕП смета дека „билатералните спорови треба да бидат решени пред приемот“ во ЕУ“.
Од своја страна романскиот европарламентарец Адријан Северин побара да не се наметнуваат унилатерални решенија за билатералните спорови, и тие не треба да се користат за поставување пречки во процесот на пристапување, при што треба да се земат во предвид глобалните интереси на ЕУ.
Европратениците исто така се договорија со компромисен амандман во кој се повикува ЕУ да ги поддржува напорите за решавање на отворените билатерални прашања, во согласност со одредбите на меѓународното право, Повелбата на ОН и релевантните резолуции на ОН, како и Хелсиншкиот завршен акт. Во случај да не биде можно да се постигне билатерален договор, ЕП советува предметот да биде доставен до Меѓународниот суд на правдата или страните да се заложат за обврзувачки арбитражен механизам. ЕП уште еднаш повикува Комисијата и Советот на ЕУ да започнат со развивање механизам за арбитража на билатерални и мултилатерални спорови меѓу државите-членки и кандидатите за прием во ЕУ, во согласност со договорите на ЕУ.
Државите членки на ЕУ да покажат одговорност кон Македонија
Во извештајот меѓу другото се бара од земјите членки и од ЕУ, кои извлекоа полза од процесот на проширувањето, да го одржуваат моментумот на процесот за проширување со повторното потврдување на европската перспектива на секоја од земјите-кандидатки или потенцијални кандидатки. Тие треба да се оценуваат според исполнетите критериуми и да не се воведуваат за нив „нови повисоки стандарди од оние што се применуваат веќе во ЕУ“.
Белгиската европарламентарката Анеми Нејтс-Уитеброк (либерал) со свој амандман побара „Советот и членките на ЕУ да покажат поголема одговорност и да ги почитуваат преземените обврски и да избегнат да го блокираат напредокот, како на пример големото доцнење во почетокот на преговорите за членството на Македонија во ЕУ“. Според белгиската европарлемантарка, државите членки треба да имаат заедничка одговорност во изнаоѓањето на решенија за вакви „ќороскаци“.
Меѓу амандманите поврзани директно со Македонија, со оглед дека процесот на проширување во извештајот се разгледува глобално, конкретен предлог за замена на референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“ со „Македонска држава“, има поднесено британскиот европарламентарец од Алијансата на либералите и демократи, Ендру Даф.
Секоја земја-кандидат според заслугите
Во извештајот и расправата што се водеше се повторува добро познатиот став на ЕП секоја земја да биде оценувана и да напредува според заслугите. Притоа се поздравува новиот преговарачки пристап во кој се дава приоритет на прашањата поврзани со судството и фундаменталните права, слободата на изразување, правдата и внатрешните работи.
Извештајот со сите амандмански измени треба да биде усвоен во текот на идната недела во Стразбур на состанокот на Комисијата за надворешни работи на ЕП, по што ќе се најде на расправа на пленарната сесија на ЕП.
|