07.09.2012, 13:10 Бесплатен автобуски превоз до Скопје со билет за прославата
Бесплатен организиран превоз на граѓаните од внатрешноста на државата до Скопје и назад утре по повод Денот на независноста ќе биде овозможен само за лицата кои имаат купено влезни карти за посета на централната манифестација, која ќе се одржи на Националната арена „Филип Втори Македонски“.
Ова го соопшти владината прес-служба, а со цел, како што е наведено, во интерес на благовремено информирање на јавноста, заштита на правата на граѓаните и овозможување услови и амбиент за достојно прославување на 8 Септември - Денот на независноста.
- Информираме дека за граѓаните кои живеат во внатрешноста на државата се определени влезни карти, во број кој пропорционално содејствува на нивното учество во вкупниот број на население во државата и врз основа на бројот на влезни карти се определени и за посетата на централната манифестација за одбележување на празникот. При искористувањето на бесплатниот превоз, граѓаните ќе треба да ја покажат влезната карта за централната манифестација за прослава на Денот на независноста и превозот ќе им биде овозможен, се наведува во соопштението.
Со ова информирање, се додава, се остварува целта да се заштити правото на граѓанинот, кој има купено влезна карта да ја искористи и можноста за превоз и да се избегнат несакани состојби на некој граѓанин тоа право и можност да му биде оневозможено, како и да не се појават ситуации на недоразбирање за граѓанинот, кој сметал на превозот, а нема купено влезна карта, кој треба да знае дека услов за користење на превозот е да се поседува влезна карта за посета на централната манифестација за прослава на празникот.
- На овој начин цениме дека би се овозможиле услови за планирање на посетата на централната манифестација, ред и позитивен амбиент за прославата, се вели во соопштението од Владата.
|