07.09.2012, 16:06 Фред Келеман ќе го предводи жирито во Битола
Покрај главното жири, од оваа година и жирито во програмата „Нови визии“ е меѓународно
Сунчица Уневска
Интернационалното петчлено жири, кое годинава ќе одлучува за наградите „Златна, Сребрена и Бронзена камера 300“ на 33. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, ќе го предводи германскиот директор на фотографија Фред Келеман, кој лани ја освои главната награда во Битола за „Торинскиот коњ“ на Бела Тар. Покрај Келеман, во жирито ќе бидат и директорите на фотографија од Белгија, Вирџини Сен Мартен и од Србија, Миладин Чолаковиќ, потоа словенечкиот режисер Дамјан Козоле и македонскиот ликовен уметник Илија Пенушлиски.
Организаторите на „Браќа Манаки“ го објавија и реномираното тричлено жири кое оваа година по втор пат ќе ја додели наградата на градот Битола, што се доделува за филмовите во програмата „Нови визии“, а кое за првпат ќе биде меѓународно. Претседател на жирито е Пол Каценберг, уредник-колумнист во списанието „Зидојче цајтунг“ од Германија, Ева Крижкова, филмски критичар и уредник на списанието за филм „Кинечко“ од Словачка и Васко Мавровски, актер во Народниот театар во Битола и директор на единствениот Интернационален детски театарски фестивал во Македонија.
Во програмата „Нови визии“ годинава се селектирани шест филма, а во главната програма се вклучени 11 остварувања, кои ќе се борат за годинешните награди. Претседателот на жирито, Фред Келеман, се појавува и како режисер на филмовите: „Фрост“ (1998), „Стемнување“ (1999) и „Паднати“ (2005). Инаку, „Торинскиот коњ“ не беше прва соработка меѓу Келеман и култното унгарско име Бела Тар. Тој ја потпишува фотографијата и на црно-белиот филм „Човекот од Лондон“ од 2007 година, а има работено како снимател и на делата „Видливо и невидливо“ на Рудолф Томе и „Камен, време, допир“ на Гарин Торосијан.
Македонскиот член во жирито, Илија Пенушлиски, е реномираниот и еден од најистакнатите ликовни уметници во нашата земја. Неговата творечка биографија вклучува многубројни самостојни и групни изложби, а неговиот опус е повеќе наклонет кон истражување на големите мајстори и општото сликарско наследство, отколку кон новите технологии. Пенушлиски е неоспорен познавач на филмската уметност и естетика и тој е еден од иницијаторите за основање на Кинотеката во Македонија.
Белгиската директорка на фотографија Вирџини Сен Мартен во 2007 година ја освои наградата „Сребрена камера 300“ за нејзината фотографија во филмот на Теона Митевска „Јас сум од Титов Велес“. Таа е искусн�� снимателка, која зад себе има доста плоден опус. Меѓудругото, Сен Мартен има работено на наградуваниот филм „Ангел на море“ на Фредерик Думон, на „Немирен човек“ на Амос Колек, на извонредната визуелна и суптилна приказна „Жената на Жил“ на Фредерик Фонтејн, на „Танго Рашевски“ на Сем Гарбарски и на многу други.
Миладин Чолаковиќ, пак, се смета за еден од поискусните српски директори на фотогарфија. Годинава во програмата „Нови визии“ е вклучен неговиот последен филм „Смрт на човекот на Балкан“ на режисерот Мирослав Момчиловиќ. Инаку, Чолаковиќ во неговото портфолио ги има и филмовите: „Кажи зошто ме остави“ и „Бел, бел свет“ на Олег Новковиќ, потоа „Црни коњи“ на Љубиша Самарџиќ, како и уште еден доста успешен филм од оваа година, „Востаничка улица“ на Мирослав Терзиќ. Додека, Дамјан Козоле и е познат на пошироката публика со неговиот многу успешен филм „Резервни делови“, во кој играа и македонските актери Верица Недеска и Петар Арсовски. Други негови попознати филмови се: „Трудот е еднаков на слобода“, „Засекогаш“, како и „Словенка“, кој беше прикажан на „Браќа Манаки“ и от��де на повеќе од седумдесетина фестивали.
Покрај овие програми и награди, на „Браќа Манаки“ се доделува и мала „Златна камера 300“ за најдобриот краток игран филм. Во оваа програма годинава се вклучени и двата македонски филма „Бардо“ на Марија Апчевска и „Човекот со чудна навика да ме удира по глава со чадор“ на Вардан Тозија.
|