05.09.2012, 10:26 Европски ден на еврејската култура
Во Сули Ан вечерва по повод Европскиот ден на еврејската култура пред публиката ќе настапи актерот Нино Леви со свое „стенд ап“ шоу
По повод Европскиот ден на еврејската култура, вечерва, во Сули Ан, Еврејската заедница во Република Македонија организира настан на тема „Духот на еврејскиот хумор“.
Пред публиката ќе настапат актерот Нино Леви со свое „стенд ап“ комично шоу и камерниот хор на Еврејската заедница на Република Македонија.
Европскиот ден на еврејска култура е пан-европска манифестација што традиционално се одржува првата недела во септември во голем број европски градови. Иако Комитетот на меѓународната организација ја избира темата секоја година, организаторите на Европскиoт ден сами ги креираат програмите за секоја земја.
Европскиот ден базира на концептот на отворен ден на кој заедниците ги отвораат портите на пошироката јавност. Синагогите нудат тури со водичи, музеите подготвуваат специјални изложби и се организраат музички или филмски фестивали.
Европскиот ден на еврејската култура отвора простор за славење на креативноста, паметење на минатото, потенцирање на артефактите и архитектонското богатство, како и спојување луѓе кои делат интерес за заедничкото европско-еврејско наследство.
Еврејската заедница во Македонија седми пат го прославува Европскиот ден на еврејската култура. |