05.09.2012, 15:56 Навивачи на „Арсенал“ уапсени за убиство
Четворица навивачи на „тобџиите“ се уапсени во Ливерпул за претепување и убиство на еден 33-годишен човек
Четворица навивачи на фудбалскиот клуб „Арсенал“ се уапсени во Ливерпул, осомничени за убиство на еден 33-годишен човек, соопшти денеска локалната полиција. Мртвото тело на човекот е најдено во еден ливерпулски трговски центар, а полицијата верува дека тој е жртва на „тешко претепување“.
Убиството се случило во неделата, во раните утрински часови кога навивачите на „Арсенал“ допатувале за попладневниот натпревар со „Ливерпул“ во рамки на редовното коло на англиската Премиер лига.
Полицијата не го соопшти идентитетот на осомничените напаѓачи, освен што објави дека станува збор за луѓе на возраст меѓу 27 и 39 години.
Сите четворица се уапсени на трибините на стадионот „Енфилд“, за време на дерби средбата меѓу овие два клуба, која ја добија гостите од Лондон со 2:0.
Осомничените убијци се наоѓале на делот од трибината каде биле сите навивачи на „Арсенал“.
Засега не се знае кој е мотивот за претепувањето на човекот што починал на самото место, но полицијата во Ливерпул верува дека не станува збор за меѓунавивачка пресметка на симпатизерите на двата клуба. |